Културо

Во понеделник 9-ти мај свечено отворање на 44-те Мајски оперски вечери

Денес во Македонската опера и балет се одржа прес-конференција по повод овогодинешното 44-то издание на Мајските оперски вечери кои пак со премиерата на операта “Евгениј Онегин” и официјално ќе стартува. На програмата на годинашниот фестивал се 15 настани, од кои десет за возрасна публика, а пет се во придружната едукативна програма Мали мајски оперски вечери.

Како што соопшти директорот на МОБ Сони Петровски на денешната прес-конференција, во 10-те претстави за возрасни се пет опери во шест изведби (зашто премиерата на „Евгениј Онегин“ ќе има и реприза на 11-ти мај): “Риголето” на 17-ти мај (со гости од Италија, Мексико, Косово и Бугарија), “Хофманови приказни” на 24-ти мај (со гости од Полска, Австрија, Уругвај и Чешка), “Турандот” на 26-ти мај (со гости од Италија, Австрија и Украина) и Вердиевата “Аида” (со гости од Хрватска, Италија, Казахстан и Јапонија) – со која традиционално на 31-ти мај се затвораат Мајските оперски вечери. Годинава во насловната улога ќе настапи сопранистката Весна Ѓиновска-Илкова.

Годинава наместо една, ќе има две балетски претстави: “Лебедово езеро” на 13-ти мај и современиот балет “Заспаните убавици” на 20-ти мај. На програмата се и два концерта – хорот од Белград “Вива вокс” (на 14-ти мај), кој има гостувано на “Охридско лето”, а првпат доаѓа во Скопје, и гала-концерт под диригентство на Мориц Гнан од Германија, со солисти од Хрватска, Русија и САД.

Majski operski veceri_programaМалите мајски оперски вечери, наменети за најмладите, ќе се одржуваат од 15-ти до 29-ти мај, со пет претстави: премиера на операта за деца “Црвенкапа”, детските балети “Доктор Офболи” и “Петар Пан” и концертите на детскиот хор “Отрада” од Русија и на детскиот хор на МОБ “Фалсето” кој по неодамнешното формирање првпат јавно ќе настапи на овој фестивал. Операта “Евгениј Онегин”, со која во понеделник ќе бидат отворени Мајските оперски вечери, на сцената на МОБ ќе биде изведена по пауза од 34 години.

Режисерот Дејан Пројковски на прес-конференцијата истакна дека “Евгениј Онегин” е голем сон за секој режисер и опера за која, како што рече, се потребни лудост и храброст, како за секое големо дело, и преиспитување на авторската зрелост.

“Направивме оперска претстава која како главен лајтмотив ја има фаталноста. Работејќи на операта во овие месец и половина, се занимаваме со љубовта и страдањето на Онегин, Татјана, Олга и Ленски, обидувајќи се да ги пронајдеме клучните зборови кои ќе не водат: солзи, страв, каење, колнењето на вечната љубов и на крајот сите тие гребаници и бесконечни траги кои остануваат на срцата на сите нив. Направивме, би рекол, една жестока оперска претстава благодарение на сите солисти во претставата”, рече Пројковски. Посочи дека песната “Умилкување” на Петре М. Андреевски е режисерски патоказ и кратко објаснување за тоа што е за него оваа претстава.

“Оваа песна на Андреевски зборува точно за фаталноста на љубовта и за подготвеноста да се направи се во име на таа љубов”, додаде Пројковски. Насловната улога ќе ја игра младиот баритон Иван Наумовски кој истакна дека се обидел да најде сосема свој Онегин, автентичен и различен од она што го гледал на сцена или филм. Се заблагодари што му е дадена шанса од МОБ на 25 години да го игра овој лик и тоа за отворање значајна манифестација како што се Мајските оперски вечери.

Во улогата на Татјана ќе настапи Тамара Калинкина од Украина, ликот на Олга ќе го игра Николина Јаневска, а Ленски ќе го толкува хрватскиот оперски пејач од ХНК во Осиек, Домагој Доротиќ. Диригент на претставата ќе биде Саша Николовски-Ѓумар (и Иван Еминовиќ на репризата), кореограф е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев и костимограф Марија Пупучевска.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: