Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: 20 години јубилеј – “Охрид фест”

Летниот период за сите нас е најубавиот период во годината, тоа е период каде речиси сите сме слободни и одмараме, се забавуваме и журкаме, освен тоа, токму во овој дел од годината се случуваат најголемите забави и музички манифестации, а една од нив е и летниот музички балкански фестивал “Охрид фест” кој што оваа година го прославува својот 20 годишен јубилеј.

По тој повод први како медиум ексклузивно имаме чест да поразговараме со Џими директорот на организација на “Охрид фест”.

Музика24: “Охрид фест” е еден од најстарите македонски музички фестивали кои што опстанаа и сеуште успешно функционираат во Македонија. Да се навратиме накратко во минатото пред 20 години, како се формираше фестивалот, чија беше идејата и која беше неговата тогашна цел?

Џими – “Охрид фест”: Наместо класичен одговор ќе направам едно резиме. Татко на фестивалот кој во времето почна како цел да се задржит она староградското од охридската песна е Копров. Иначе, фестивалот за овие 20 години продуцира аудиториум од 210 милиони гледачи, во 50 земји од Европа и светот со преку 200 часој директен пренос, изведени се 1000 музички нумери, изведувани од пејачи од 37 земји во Европа и светот, застапен во преку 3800 радио и ТВ извештаи и околу 4100 написи во весниците. Мала статистика од големо значење 🙂

Музика24: Го прославувате големиот јубилеј – “20 години-Охрид фест”, за читателите на музичкиот портал Музика24, ексклузивно откријте кои се Вашите планови за овогодинешното издание, кои музички имиња ќе настапат и кои се гости ги имате во план за интернационалната вечер како и ревијалниот дел?

Џими – “Охрид фест”: Ами за да е и за нас екслузивно нешто ќе премолчам за да пишите од ко ќе видите после 24-ти август. Ако откриеме све немат да сме екслузивни “НЕЛИИИ“, Каролина викат вака 🙂 Како и да е заради јубелејот ќе имат многу изненадувања, а то ќе го видите низ фестивалските вечери… а шо се однесвит до имињата сепак ајде да откриеме некој од нив ама не барајте сите хахаха (се смее). Значи тука ќе ни се Душан Свилар од Србија, “Три Моје” исто од Србија кои беа преставнички за евровизија, Бојан Бјелиќ, Ивана Банфич – Хрватска, балканскиот, а можда и европски 50-цент – Иван Маринов познат како “Устата”, кој го обнови дуетот со Софи Маринова, значи ја имаме и неа… тука ќе е Тања Жагар – Словенија и… ај доста вие 🙂 Ама да не ги заборајме и Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, Александар Белов, Ристо Самарџиев, Дани и Верица Пандиловска, Биба Додева, Елена Петреска… и навистина засега е доста хахаха (се смее).

Музика24: Освен изведувачите и гостите кои што годинава ќе се појават на сцената на “Охрид фест”, кои се други новитети, новости и ексклузивни нешта во оваа прилика ќе им ги откриете на нашите читатели, тука пред се мислиме на бината односно сценографијата, местоположбата и одржувањето на фестивалот, кој ќе биде овогодинешниот водителски пар на фестивалот… и многу повеќе поврзано со “Охрид фест 2013”?

Џими – “Охрид фест”: Она шо можам а и сакам да ви откријам е местото на оддржување на јубелјното издание. Оваа година, после незнам колку години, фестивалот го селиме крај езеро. Поточно пред барот “Објектив”. Сцената ќе е поставена така да пејачи при изведбата гледаат према центарот на градот и ќе ги “пречеквет” шетачите по кејот со песна… хахаха (се смее) … сериозно. Мислам дека оваа одлука е феноменална зш со ова го доближвиме фестивалот до сите гости и до охриѓаните. Ајде да речам дека е некако замислен е фестивалот да бидит реализиран заеднички со сите гости во тие деној шо ќе бидат во градот. А шо се однесвит до водителскиот пар , уште сме во преговори, а лично мене ако ме прашаш јас би сакал да ја видам една девојка, моја драга пријателка, која и пркосит на биологијата и никако не почвит да старејт, то е мојата драга Лила која со начинот на водење му дават дух на фестивалот. Морам да го пофалам и Дамјан кој минатата година и беше партнер во водителството и прекрасно се надополнвеа. Ќе видиме. Здравје…

Музика24: Дали и оваа јубелејна година ќе останат четирите фестивалски вечери или пак самиот фестивал ќе се проширува и од четири дена ќе биде една седмица забава, музика, дружење и пеење?

Џими – “Охрид фест”: Она шо е интересно на овај фестивал и заради кое го сакет учесниците е то шо фетивалската вечер не завршвит со гасење на камерите. Ако до тој момент учесниците го “одработуваат” своето , организаторот после официјалниот дел им нуди забава за сите. Значи секоја вечер се организира забава за учесниците, а то шо е интересно баш тие се грижат за атмосферата и пак се фаќет за микрофон, но овај пат не натпреварувачки, ами од забава во која секој од нив си имат свој удел. Така да знајме забавата да ја спојме со утринската прес конференција… хахаха (се смее). Сепак требит во ова време не време да тежиме, покрај натпреварувачкиот дел, на крајот од денот и ние како организатори и учесниците да си се “почастиме” со едно дружење каде сите сме исти и сите сме заедно.

Музика24: Секоја година досега има специјално жири составено од еминентни музички имиња на овој или оној начин поврзани со музиката, за Музика24, ексклузивно откријте ни кој се оваа година ќе биде дел од стручното музичко жири?

Џими – “Охрид фест”: Е на ова прашање не би ти одговорил ни 5 минути пред почетокот на фестивалската вечер, дури додека не седнит жирито на својте столчиња. Дај друго прашање… 🙂

Музика24: Да не ги заборавиме тука и медиумите без кој искрено “Охрид фест” не би бил тоа што е денес, кажете ни, кои се медиуми оваа година ќе го пренесуваат фестивалот и во колку земји на балканот и пошироко истиот ќе се гледа?

Џими – “Охрид фест”: Уф… какво заборавање. Фестивалот или било кој настан е никој и ништо без медиуми. И оние кои го пратат пред фестивалскиот период и сите оние кои тие 4-5 вечери се со нас. Морам уште сега да се заблагодарам на сите оние кои се појавија како медуимски покровители, имиња немат да кажам зш можно е уште помагатели да се пријават. То ќе го напрам на последната прес конференција. Иначе преку сателит фестивалот ќе стигнит и отаде барата. Ќе го пренесвет 15 балкански телевизии меѓу кои и оние шо се специјализирани за музика како “Пајнер” и “Фен” од Бугарија. Иначе, преносот го преземаат и Србија и Словенија и Албанија и ај да не заборам некој. Реков 15 телевизии, а ексклузивно на МТВ.

Музика24: Охрид живее цела година, но посебно е чувството кога сте во Охрид за време на одржувањето на “Охрид фест”, кажете ни досега секогаш на почетокот на секое издание, секоја фестивалска вечер се емитуваше (барем така беше досега) промо-видео за нашиот најголем туристички центар, кажете ни, мислите ли дека со промоцијата на најголемото македонско туристичко место придонесовте во изминатите години да се развие туризмот и воопшто посетеноста на градот?

Џими – “Охрид фест”: Да. И оваа година и уште бар 50 следни години така ќе е хихихи… Одит и ќе одит спотот, зато шо една од причините за постоење на овој фестивалот е бисерот Охрид. И те како се придонесвит со емитување на спотот за реклама на туристичките и културните вредности за афирмација на македонскиот Ерусалем. Пошто локалната самоуправа во Охрид све појќе и појќе застанвит како помагател на фестивалот, видеото и понатаму ќе ојт како поклон од нас, видеото и понатаму ќе го промовират Охрид низ целиот свет. Секако дека се придонесвит за поголема посетеност на градот, но она шо нас како оргазнизатори не радвит, а во разговор со туристичките релеватни работници, е заклучокот дека со фестивалот се продолжвит туристичката сезоната бар за уште една седмица. Не случајно терминот секогаш е последниот викенд во август.

Музика24: Во изминатите години на сцената на фестивалот поминаа многу познати ѕвезди како наши така и балкански, ќе можете ли да ни споменете дел од нив, некои што тука ја започнале својата музичка кариера и потоа се прославиле или пак да ни споменете некои од познатите музички имиња од балканската и светска музичка сцена кои ви било чест и се гордеете што биле дел од овој голем престижен музички фестивал?

Џими – “Охрид фест”: Уф , лесно прашање, тешко да се одговорит… да не заборам некој ми е страв зш ги имат многу 🙂 Тука за прв пат се слушна ангелскиот глас со нумерата “Усни на усни” на Тошка, тука дел од кариерата градел и гради Ѓоко Танески, настапил еден Милан Бабиќ, Снежана Савиќ, се сеќавам дека прв пат награда во кариерата зеде тогаш недоволно познатата Преслава од Бугарија, а сега имат ли потреба да кажам до кај е стигната? Не е лошо да спомниме и некој реномирани имиња, како, за жал веќе починатиот Мато Дошен, во чија чест фестивалот имат и воведено награда со неговот име. Тој беше буквално доживотен пријател на фестивалот и учесник на ваков или таков начин. Па на сцената застанале Владо Јаневски, Калиопи, Ристо Самарџиев, Биба, Бајага, Чоби, Тино Фаваза, Благица Павловска, Гоце Арнаудов, Ленче Дедејска… уф полесно ќе ми беше да ме прашаше кој не бил на фестивалот… хахаха (се смее).

Музика24: И како за крај на ова наше мини интервју или прво медиумско претставување пред сите останати на овогодинешното издание на “Охрид фест”, во Ваш својствен стил, како би ги поздравиле и поканиле нашите читатели на дружење и луда забава и се разбира присуство на 20-то јубилејно издание на “Охрид фест 2013”?

Џими – “Охрид фест”: Дали имат поубаво чувство да се бидит дел од една историја, на било кој начин, дури и само како обичен гостин, како шо е ова година на фестивалот 20-то издание. Со новата локација на сцената мислам, ма да не траскам, не мислам сигурен сум 🙂 дека ова 20-то издание ќе бидит само по себе атракција. Само да се седит крај езеро е добит голема за секого, а сега плус да седиш сакаш на клупа сакаш на трибина и да ти пејт некоја од 40-тината звезди… зар требит посебна покана за ова нешто? И пред да се “разделиме”, да ви се заблагодарам шо ете имав на некој начин чест да бидам гостин на вашиот портал и не бадијала прифатив првото интервју , како директор на организација на фестивалот, да го дам баш кај вас, зато шо вашите читатели сте ги научиле коректно, проверено, ексклузивно и навремено да ги известувате за музичките настани во државава со шо придонесвите за напредокот на македонската музика на секој начин. Фала уште еднаш и се гледаме пак он д фејс оф д плејс, од 20-24 август крај езеро на новата локација пред Ланч Барот “Објектив”.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: