Дали знаевте: Култниот мјузикл “Брилијантин” прослави 40 години (Видео)

На 16 јуни 1978-та година премиерно беше прикажан сега веќе култниот мјузикл “Брилијантин” (Grease), во кој главните улоги ги одиграа американскиот актер Џон Траволта и англиската пејачка и актерка Оливија Њутон-Џон. Направен врз основа на истоимениот бродвејски мјузикл од 1971 година. “Брилијантин” раскажува за љубовната приказна на средношколците Дени Зуко и Сенди Олсон, сето тоа проткаено со хитовите како што се “Summer nights”, “You’re the one that I want” и “Greased lightening”.

За огромната популарност и успех на овие песни сведочи и фактот што саундтракот за “Брилијантин” таа година беше вториот најпродаван албум во САД, а на првото место се најде уште еден култен филм со Траволта во главната улога “Треска на саботната вечер”. Уште при првото прикажување, филмот постигна забележителен успех во кината во САД и Канада, заработувајќи речиси 9 милиони долари само во првиот викенд, а над 40 милиони долари во првите 19 дена од премиерата. На светско ниво, „Брилијантин“ досега има заработено речиси 400 милиони долари, надминувајќи го дотогашниот шампион “Звукот на музиката”, кој во претходните 13 години беше мјузикл со најголема заработувачка воопшто. Овој рекорд подоцна го надминаа “Клетници”, “Мама миа!” и минатогодишното издание на “Убавицата и ѕверот”, така што “Брилијантин” во моментов е 4-от најуспешен мјузикл досега.

Меѓу признанијата што ги доби екипата на “Брилијантин” се шесте номинации за Златен глобус, вклучувајќи ја категоријата за најдобра оригинална песна за насловната тема и “You’re the one that I want“, како и номинацијата за Оскар, исто така за најдобра песна, но овој пат за баладата “Hopelessly devoted to you”, a тука се и трите награди според изборот на публиката (People’s Choise Awards) за најдобар филм, најдобар музички филм и за најдобра споредна улога на Стокард Ченинг.

Оригиналниот мјузикл е дело на театарските композитори Џим Џејкобс и Ворен Кејси, а освен оваа филмска адаптација по сценарио на Бронти Вудард и во режија на Рендал Клајсер, во 2016 година “Брилијантин” доживеа и телевизиска адаптација на американскиот канал “Фокс”, а се уште е поставуван на сцената на бројни театри ширум светот. Во 1982 година беше снимен и втор дел на “Брилијантин”, со сосема нова актерска екипа предводена од Мишел Фајфер и Максвел Колифилд во главните улоги, но за жал, не успеа да го повтори успехот на својот претходник.

Подготви: Виолета Трајковска

Повеќе на Музика24...