Балканленд

“Макфест” ќе се одржи во мај, 20.000 илјади евра за победникот

Наместо во октомври, фестивалот на забавна музика “Макфест” годинава ќе се одржи последната недела од мај, а за ова 29-то издание на настанот се предвидени многу новини. Доминантен финансиер ќе биде Министерството за култура, кое ќе ги обезбеди и наградите. Тие ќе бидат со иста вредност како на Скопскиот фестивал. Победничката мелодија ќе добие 20.000 илјади евра, второпласираната 15.000, а третопласираната ќе биде наградена со 10.000 илјади евра. По 3.000 илјади евра ќе бидат наградите за најдобар дебитант и за најдобар сценски настап. На минатогодишното издание на “Макфест” првата награда “тежеше” 60.000 денари, втората 45.000, а третата 30.000 денари.

Kонкурсот за избор на композиции за “Макфест 2014” беше објавен пред десетина дена, на 27 декември, и ќе трае три месеци. Паралелно, штипската локална самоуправа, како носител на фестивалот, распиша и конкурс за директор, уметнички директор и технички директор на “Макфест”, кои ќе се избираат за период од две години, со можност да бидат реизбрани на уште две. Фестивалот се враќа и на старата шема со две полуфинални и една финална вечер. Избраните композиции ќе бидат изведени во живо, со придружба на Ревискиот оркестар на МРТ.

“Општината успеа да го спаси фестивалот. Во 2009-та година долгогодишниот генерален спонзор “Фершпед” се откажа, па грижата за финансирањето комплетно падна врз локалната самоуправа. Во 2011-та и во 2012-та година организацијата се доделуваше по пат на конкурс, а лани општината пак целосно под своја капа го презеде фестивалот, за што од буџетот издвои 40.000 илјади евра. Сега, како манифестација од национален интерес, “Макфест” конечно добива сериозна финансиска поддршка од Министерството за култура”, истакнува Драган Ристов, шеф на прес-центарот на фестивалот.

На досегашните 28 фестивалски изданија се создадени и изведени околу 1.000 композиции, од кои многу станаа хитови што и денес се слушаат. Во ноември во 1986 година беше одржан само првиот фестивал, а следните 27 се случуваа во октомври. Но сега Скопскиот фестивал ќе се одржува наесен, а “Макфест” ќе оди со пролетен термин.

“Мај е необичен термин за ваков фестивал, но ќе видиме како ќе биде. На двете полуфинални вечери ќе бидат изведени по 20 композиции, од кои по десет ќе одат во финалето”, вели Kирил Панајотов, кој повеќе од две децении е во организацискиот одбор на “Макфест”.

Автор на текстот: Љупчо Шатевски

Превземено од: Дневник

Можеби ќе ве интересира: