Балканленд

Пријателите и публиката се прости од Влада Дивљан

Пријателите и почитувачите на музиката на еден од легендите на југословенската и српската поп-рок сцена Влада Дивљан, кој почина вчера во Виена во 57 година од животот, се простуваат од него оставајќи пораки и коментари на социјалните мрежи, интернет изданијата на белградските весници и електронските медиуми. Веста за смртта на поранешниот лидер на “Идоли” ја потврди издавачката куќа Лонг плеј, наведувајќи дека за времето и местото на погребот дополнително ќе одлучи семејството. Музичар, композитор, поет, Влада Дивљан остави неизбришлива трага во музичката култура на овие простори, а неговата специфична лирика и љубовни текстови го одбележаа југословенскиот нов бран во текот на 80-те години на минатиот век.

“Замина прекрасен човек, некој кој многу го сакавме”, пишуваат на социјалните мрежи колегите и пријателите на Дивљан.

“Навистина ме погоди веста за смртта на Влада. Ми беше добар пријатели и прекрасен човек, навистина голем уметник. Знаев дека е болен, но се надевав дека ќе се извлече. За жал, тоа не се случи и нека му е вечна слава”, напиша на Фејсбук, Момчило Бајагагиќ – Бајага. Срѓан Гојковиќ Гиле, фронтмен на “Електричен оргазам” за “Ало”, рече дека е во шок.

“Знаев дека е болен, но се уште сум во шок. Влада и јас бевме многу блиски и на креативното поле, како и на лично. Дури и кога престанавме заедно да свириме, останавме во редовен контакт. Пред се, имам чувство на загуба на голем пријател”, рече Гиле. Кон крајот на 70-те години од минатиот век, Дивљан свиреше во џез бендовите на Мерлин и Звук улице, а од 1980 до 1984 година беше лидер на ВИС Идоли, за во 1985 година да почне соло кариера. Од 1991 до 1999 година живееше во Австралија, а од 1999 година во Виена.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: