Васил Зафирчев: Смислата на Новата година ја гледам во подадената рака на оние на кој им е потребна (Фото)

Тој е мега популарен македонски актер, мултиталентиран уметник, веќе докажан во својата професија, во светот на музиката и танцот, а приватно… тој е секогаш насмеан, позитивен, среќен и исполнет…

Ви го претставуваме Васил Зафирчев, еден од најпознатите македонски актери, кој во моментов е актуелен со тв серијата “Преспав”, каде го глуми готвачот Марио, како и театерските претстави што на големо ги подготвува во својот матичен театер, Театар Велес.

Што тој одговори на нашето новогодишно интервју, погледнете, прочитајте и уживајте!

Музика24: Наближуваат Новогодишните и Божиќни празници, како се чувствувате секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радувате на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за Вас се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Васил Зафирчев: Новогодишните и Божиќните празници секогаш ме асоцираат на детството, топлината и хармонијата во домот, заедничките мигови споделени со семејството и најблиските, но и добрите и хумани дела за оние на кои тоа им е најпотребно. Ја сакам празничната атмосфера и украсувањето на домот, но никогаш не чувствувам преголема возбуда или еуфорија. Со оглед на секогаш интензивните професионални ангажмани на крајот од годината, го претпочитам одморот и можноста за релаксација за време на празниците.

Музика24: Дали и после толку години верувате во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Васил Зафирчев: Само како дете верував во приказната за неговото постоење и со нетрпение го очекував негово доаѓање. Сега како возрасни, суштината и значењето на неговиот лик и порака треба да ја практикуваме самите, секогаш настојувајќи токму ние да бидеме нечив Дедо Мраз, кој ќе ги подготвува убавите изненадувања за другите и ќе ги исполнува желбите на оние кои ги сакаме и кои ни значат.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале. Дали можеби како дете сте оставале празни новогодишни чорапчиња и сте го чекале подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Васил Зафирчев: Како многу мал да, со голема возбуда и радост ги оставав новогодишните чорапчиња под елката, силно надевајќи се дека следното утро во нив ќе го најдам она што сум си го посакал. Во најраните години од детството мојот Дедо Мраз тоа го правеше тивко, нечујно и невидливо за мене. Подоцна почна и вистински да се појавува на вратата од мојот дом, точно на полноќ, лично предавајќи ми го најпосакуваниот подарок. Голем дел од тие подароци и ден денес ги чувам со внимание и секогаш ме потсетуваат на таа невидена детска радост за време на празниците.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите најмили…?

Васил Зафирчев: За Нова година најчесто претпочитам патувања. Ги обожувам снегот и зимската идила на планините за време на празниците. А доколку не сум во можност да отпатувам, тогаш најмногу уживам во празничната атмосфера на домот, во кругот на семејството и најблиските. Традиционално ги подготвувам сите специјалитети од новогодишната трпеза. Подароци и изненадувања припремам само за најмалите, додека средствата предвидени за подароци за возрасните веќе одамна ги пренаменувам во добротворни и хуманитарни цели, помагајќи на луѓе и семејства од социјално најранливите категории. За мене токму во тоа е најголемата смисла на празниците, да подадеме некому рака на помош и поддршка, барем за миг да внесеме топлина во нечиј дом и со знак на љубов и внимание да овозможиме празничната атмосфера да ја почувствуваат и оние кои самите тоа не можат да си го дозволат. За мене нема поголема радост и задоволство од тоа.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се Вам ви е битно добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Васил Зафирчев: Не сум љубител на големите и луди забави за дочекот на Новата година. Повеќе ја сакама топлата, едноставна и опуштена празнична атмосфера на домот, со секогаш одбрано друштво со кое делам исти погледи на светот и исти животни значења и суштини. Првиот ден по дочекот со задоволство го следам новогодишниот виенски концерт, а за време на празниците уживам во читањето и филмската програма.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадувате Вашите сакани за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакате да го подарите, и што е она што Вам би Ве изненадило како подарок?

Васил Зафирчев: За најмалите најчесто подготвувам новогодишни пакетчиња на кои секогаш им се радуваат, понекогаш и некој однапред и внимателно избран подарок кој знам дека го посакувале. Возрасните членови од фамилијата со задоволство ги посетувам за време на празниците, така споделувајќи ја мојата љубов и внимание кон нив. Самиот лично не очекувам никакви подароци, бидејќи по природа сум човек кој чувствува поголема радост и задоволство кога подарува, отколку кога прима подароци.

Музика24: Што всушност за Вас претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Васил Зафирчев: Само една убава и краткотрајна празнична епизода од приказната наречена живот, која во суштина ја слави токму неговата убавина и неговото суштинско значење, а тоа е доживувањето и споделувањето заеднички мигови вредни за паметење.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?

Васил Зафирчев: После интензивната работа и многуте ангажмани, за дочекот на Новата година конечно дома. Со себеси, со моите родители, шицуто Беба, фамилијата, најблиските пријатели и сите оние ми значат живот. А во следните денови по дочекот, можно е и патување во некој спа центар или на некое планинско одморалиште.

Музика24: Кој е според Вас настанот од областа на музиката или општо, настанот кој што се случи во 2019-та година кој според Вас ја одбележи оваа година која што пополека си заминува?

Васил Зафирчев: Најголем настан од областа на културата и уметноста кој според мое видување ја одбележа оваа 2019 година е филмското остварување “Медена земја” кој доживеа неверојатен светски успех влегувајќи во трка за “Оскар” со две номинации и кој на фантастичен начин ја промовираше нашата земја во светски рамки, претставувајќи ги со тоа нејзините културни и уметнички значења и вредности.

Музика24: Што е она по што ќе ја паметите 2019-та, тука пред се мислиме на работните обврски, на она што сте го работеле и го работите, анегдоти и случувања за време од снимањето на тв серијата “Преспав”, како и театарски претстави и слично?

Васил Зафирчев: Годинава што изминува, на професионален план ќе остане најмногу запаметена по четвртата сезона на ТВ серијата “Преспав”, новите претстави во театар, многуте изведби на репертоар, но и неколкуте освоени награди кои се голема потврда за посветеноста и трудот, но и поттик за се она што допрва претстои. На личен план, ова беше година на мир и хармонија со себеси, полна животна зрелост, нови животни пријателства, но за жал и година на тажни, трагични и ненадејни загуби на блиски пријатели и драги колеги.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакале да Ви се случи, оствари и реализира на приватно и се разбира, на професионално поле?

Васил Зафирчев: Професионално, во новата 2020 година ме очекува емитувањето на новата сезона на “Преспав” кое започна неодамна и радоста од тоа која ја споделувам со верните фанови и публиката. Во првиот месец од новата година ме очекуваат и премиерите на две нови претстави во мојот матичен театар во Велес како и тековните репертоарни ангажмани. На личен план пак, 2020 година очекувам да биде година на собирање плодови од одамна засадени семиња, година на нови вложувања и убави животни предизвици со кои ќе ја отпочнам четвртата декада од животот и кои ќе ме донесат чекор поблиску до себеси и до моја суштина како човек и како уметник.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакале на Вашите фанови, подржувачи, тв гледачи како и  читатели на музичкиот портал Музика24?

Васил Зафирчев: Бидете љубов која ја буди заспаната убавина во другите. Бидете светлина која го осветлува патот на оние кои се загубиле. А потоа сведочете на чудата кои се случуваат во вас и околу вас. Среќна Нова 2020 и на здравје, на живот!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Иван Наунов

Повеќе на Музика24...

www.revanger.com www.erguvanhaber.com www.erzurumozelders.com www.tekirdagtabldot.com www.gebzesaadet.com www.balikesiryenihaber.com www.ucanbalonmugla.com www.aymaras.com www.buyukorduhaber.com www.ambushm.com www.trabzonpostasi.com www.yalovaradyotv.com www.internetedirne.com www.duzcepark.com www.butuncanakkale.com www.ssgolfhotel.com www.ispartaradyonet.com www.tokathaberi.com www.tokathabersitesi.com www.escortlarrize.net www.sivashbr.net www.sivashaberci.com www.manisaotolastik.com www.yeniyasamgorukle.com www.alanyamado.com www.manavgatx.com