Имам нешто да те прашам

Боби Мојсоски: Гледав дали ќе се појави Дедо Мраз

Боби Мојсоски во својот дом поседува изобилство на награди и признанија, оваа година таа колекција ја надополни Гранд При-то од фестивалот “Славјански Базар” на кој настапи со “Дождлива песна” и  добро познатата “Те краде тој”, која исто така има прекрасен видео запис. Покрај настапите на фестивалите надвор од нашата држава и освоеното прво место за вокална интерпретација во Варна, Бугарија, во 2011-та не почести и со присуство на “Макфест”. Таму ја отпеја темата “Ќе нема следен пат”.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува Нова година?

Боби: Како мал знаев да ставам чорапчиња, да легнам под постела и со едното око љубопитно да гледам дали Дедо Мраз ќе се појави. Да, верував. Но, со текот на времето и како што растев, полека се навикнав на тоа дека тој нема да дојде и едноставно се навикнав на тоа. Новогодишната вечер е исполнета со еуфорија, многу исчекувања, љубов и позитивна енергија од сите страни, ах, да не заборавам и поклони. Оваа Нова година планирам да ја поминам со најблиските и пријателите и да го споделам тој посебен момент со нив, кога часовникот ќе чукне полноќ.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Боби: Кога немам обврски (а овие дни ги имам премногу), обично купувам подароци за најблиските и за мене некое парче гардероба кое би го носел на новогодишната вечер. Но, оваа година немам толку време, со оглед на тоа што со Даниел веќе го започнавме новиот видео – запис за нумерата “Јас и ти” кој испадна прилично голем проект.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Боби: Сета таа еуфорија и позитивна енергија која се шири во воздухот ги тера луѓето, барем таа вечер, да ги остават проблемите и да бидат весели, среќни. Но, кај мене секој ден е новогодишен и верувам дека секој ден ќе биде добар доколку сам така го започнеш. Се разбира дека ме фаќа тоа новогодишното, но не сум нешто претерано возбуден.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш Новата 2013-та година?

Боби: Како што претходно напоменав, оваа новогодишна вечер ќе ја поминам со моите најблиски и со пријателите, мислам им го должам тоа, бидејќи минатата Нова година работно, со настап. Нема поубаво чувство да го споделиш волшебниот момент со оние кои ги сакаш најмногу и најмногу ти значат.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме, дека е песна на годината?

Боби: Имаше многу музички случувања оваа година и уште многу добри песни кои останаа да се вртат по радијата. Не би можел да одвојам еден посебен фестивал, бидејќи на секој од нив имаше по некоја песна која ми остави впечаток. Сепак, најголем настан кој за мене ја одбележа 2012 беше настапот со Претседателскиот оркестар на големиот рок концерт во Минск, Белорусија.

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?

Боби: Како што претходно ви спомнав, веќе е започнат видео записот за нумерата “Јас и ти” под режисерската палка на Даниел Јовески, кој треба да излезе некаде на средината од месец јануари. Баш пред некој ден ја проверував план – листата за наредната година со мојот менаџер и веќе објавив на мојот фејсбук профил дека таа е полна и ми е многу мило поради тоа. Тука спаѓа и остварувањето на еден сон кој долго го чекав, но нема да зборувам многу, ќе почекам прво да се реализира сето тоа…

Музика24: Што би им посакал во Новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Боби: Бидете здрави, среќни, весели и имајте година полна со љубов. Верувајте во себе и бидете свои, бидејќи само со упорност и многу труд можете да ги остварите своите сништа!

Интервјуто го подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: