Илија Гојовиќ – Црногорскиот донжуан со уметнички и музички ракопис

Интервјуа

Пред неполн месец во Скопје се одржа 19-то издание на интернационалниот музички фестивал “Еврофест”, каде што учество земаа голем број на македонски, но и на странски изведувачи кои публиката ја оставија без зборови. Еден од нив беше и младиот симпатичен, интересен, позитивен и секогаш насмеан Илија Гојовиќ кој ја претставуваше својата Црна Гора. Како што вели тој, премногу ја сака нашата Македонија и има посебно место во неговото срце. Освен со музика се занимава и со други интересни активности, а што кажа Илија за своите почетоци, музичата кариера, приватниот живот и неговото слободно време… прочитајте во продолжение.

Музика24: Пред се за македонската јавност многу подобро да те запознае, кажи ни, кој е Илија Гојовиќ, и од кога воопшто започна да се занимаваш со музика и со она што е твое секојдневие?

Илија Гојовиќ: Пред се да им упатам еден голем поздрав на читателите на музичкиот портал Музика24. Драго ми е и имам посебна чест што денес разговараме за мојата музичка кариера и што Вашите читатели ќе имаат можност подобро да ме запознаат. На мое големо задоволство на овогодинешното издание на “Еврофест” освоив втора награда за песната “Не желим да знам”, комплетно моја песна која досега воопшто не беше изведена во Црна Гора, односно, премиерно беше промовирана на фестивалот “Еврофест”. На еден мој начин се обидов да ја претставам пред македонската публика и воопшто пред сите оние кои што ја почитуваат и слушаат поп музиката тука кај Вас и мило ми е што бевте навистина добри домаќини, како и секогаш досега. Инаку мојата музичка кариера ја започнав пред 8 години, слободно може да се каже дека малку доцна влегов во музичките води поради тоа што пред 15 години се занимавав со ликовна уметност и од ликовната уметност се роди желбата за музиката и јас само го следев своето срце. Инаку, јас сум еден од оние кој што многу работи на хуманитарноста, тоа многу добро го знаат во мојата земја и досега имам многу активности направено во врска со хуманитарната дејност, бидејќи сметам дека секогаш кога некој има можност и е во позиција треба да му помогне на другиот, а музиката е одличен начин преку концерти, настапи да се потрудите некому да му обезбедите она што му е потребно. Вашата земја Македонија ми е посебно драга од таа причина што кај Вас има многу хуманитарни настапи, концерти… многу работи кои се поврзани со хуманитарноста, некаде кај Вас сеуште живее оној хуманитарен дух, духот на Тоше Проески, а тоа е една од работите што Вас како нација ве прави уште подобри, онаа топлина и добрина зрачи кога сте Вие во прашање. Македонија е навистина посебна земја и секогаш со задоволсто се враќам тука. 2013-та година токму на овој музички фестивал настапив и го освоив третото место и едноставно од страна на организаторите добив повторно покана да настапам што ми претставува голема чест и се надевам дека песната што веќе ја слушнавте Ви се допаѓа. Учеството на фестивалите посебно го сакам, тоа е можност да запознаете нови лица, можност за појавување на нови места. Јас на пример за време на учеството на “Еврофест” добив покана за учество на евровизиската журка која ќе се случи следната година во Грција, како и покана за учество на “Охрид фест” следната година. За еден млад автор и изведувач е добра работа или да се појави на фестивал како начин за претставување на себе си и песната која ја исполнува или пак да сними видео спот. И едната и другата варијанта се подеднакво добри.

Музика24: Велиш дека си уметник… што би ни кажал повеќе околу таа твоја активност?

Илија Гојовиќ: Да, досега во Црна Гора имав 6 изложби, инаку по занимање сум магистар по хемија… Лудо е нели хахаха (се смее).

Музика24: Каква е поврзаноста помеѓу хемијата, уметноста и музиката?

Илија Гојовиќ: Зар животот не е хемија? Во љубовта има хемија, во уметноста, во музиката… во се има хемија. Ако ја нема, тогаш нема да има ништо.

Ilija GojovicМузика24: Која беше твојата прва песна со која што те запозна јавноста во Црна Гора?

Илија Гојовиќ: Првата моја песна е насловена “Само ти”. Инаку многу интересно за мене е што мојата кариера започна токму тука, во Македонија, затоа и посебно ја сакам Вашата земја. Првата песна ја работев со Силви Бенд, текстот и музиката беа мои. Навистина одлични луѓе кои навистина многу ги сакам, големи пријатели. И од тој момент и започна мојата музичка кариера, која потоа се развиваше и во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина… И ете секогаш со драго срце се враќам тука кај Вас и секогаш Македонија ќе биде во моето срце.

Музика24: Мило ни е што нашата земја Македонија ја сакаш и е дел од твоето срце. Кажи ни, дали планираш можеби дуетска песна со некоја наша позната музичка ѕвезда, поп пејачка?

Илија Гојовиќ: За време на интернационалниот фестивал “Еврофест” добив токму таква понуда, а постои и можност и јас сам да снимам песна, тоа е и мојата голема желба, која би ја отпеал пола на црногорски, а пола на македонски. Мислам дека тоа би било многу интересно.

Музика24: Дали за време на твоето гостување тука кај нас досега имаше можност да ја прошеташ Македонија?

Илија Гојовиќ: Јас сум чест гостин во Македонија, можеби повеќе од 10-на пати имам дојдено во Скопје, секако и во Охрид. Токму за моето последно гостување во Скопје го посетив преубавиот крст на Водно и кањонот Матка и останав без зборови. Крстот е совршен, инаку јас сум голем љубител на крстовите, и тоа е нешто што многу го сакам. Навистина Скопје премногу се изгради и се гледа дека многу се вложува, тоа е одлично од причина што станувате репрезентативни и во околината и од туристички аспект. Дури и од некое мое мислење, ако досега Охрид беше место на случувањата слободно можам да кажам дека Скопје го зема тоа место. Тоа е супер. Јас тоа го забележувам како црногорец, веројатно Вие тоа подобро го знаете.

Ilija GojovicМузика24: Дали Илија е заљубен?

Илија Гојовиќ: Јас речиси година ипол бев во долга врска. И неморам повеќе ништо да Ви кажувам (се смее). Сега сум сам под емоции, најверојатно ќе се смириме… Но моментално сум сам, а знаете, уметниците најубавите нешта ги создаваат кога се сами.

Музика24: Дали тоа значи дека песната која што ја исполни на “Еврофест” е твоја автобиографска?

Илија Гојовиќ: Тоа често ме прашуваат, но песната што ја исполнив во Скопје не беше автобиографска. Песната која што ја исполнив во 2013-та беше автобиографска.

Музика24: Кога ќе имаат можност твоите фанови да уживаат во твојот албум, бидејќи колку што знаеме уште го подготвуваш?

Илија Гојовиќ: Да секако дека планирам. Но сега засега сакам да издавам песна по песна, бидејќи кога ќе видите така работат сите. Албумот е комплетно издание некому да му ги дадете сите Ваши песни, но најважно е да имате добри песни, да имате добар концепт, добар настап, луѓето да Ве знаат и препознаваат и да останете едноставни. Така да албум како албум е секако добар проект, но не неопходен.

Музика24: Знаме дека се занимаваш со музика, но освен тоа, што друго правиш во животот, како го поминуваш твоето слободно време?

Илија Гојовиќ: Имам три работи, значи уметник имам и правам изложби, музичар пеам и создавам песни и хемичар. Работам во Агенцијата за заштита на животната средина во Црна Гора веќе 8 години како советник. Работам по стука, бидејќи сум магистар по хемија. Работам три работи и еден мој ден трае 48 часа, не 24 колку што воопшто трае (се смее). Така да никогаш немам слободно време, секогаш некаде се брза, но не се жалам јас го сакам она што го работам. За разлика од некои други кои во на денот го прележуваат, мене лежењето ми служи за некои други работи сигурно не за гледање телевизија (се смее).

Музика24: А кои се тие работи, ако не е тајна?

Илија Гојовиќ: Сигурно за некои убави работи (се смее), за љубов, за размена на енергија, за убави моменти поминати со личноста која што ме остава без зборови, така да сигурно не гледам телевизија лежејќи, нешто друго работам во кревет (се смее).

Ilija GojovicМузика24: Дали “Не желим да знам”, песната која што ја исполни на 19-то издание од интернационалниот “Еврофест” ќе добие соодветен видео спот?

Илија Гојовиќ: Да, секако дека ќе се снима видео спот за оваа песна. Јас секогаш кога ќе извадам нова песна тоа обично го правам со видео спот или пат дополнително истот се снима, но како и да е, секоја моја песна има видео спот, па така и оваа.

Музика24: И како за крај на ова наше интересно интевју, што во идниот период? Настапи на “Еврофест”, но што планираш и кои се твоите идни планови? 

Илија Гојовиќ: Следно што планирам е комплетна промоција по медиумите на новата “Не желим да знам”, веднаш потоа ќе го снимам и видео спотот за оваа песна. Некаде во фебруари веќе имам покана за гостување на евровизиската журка во Грција, веднаш потоа се гледаме со вас во август месец на “Охрид фест”, а најверојатно во меѓувреме ќе има и по некоја нова песна така да ќе видам вреден сигурно (се смее).

Во продолжение како завршница на нашето интервју со младиот пејач од Црна Гора, Ви предлагаме да ја преслушате неговата песна “Не желим да знам” со која што тој настапи на “Еврофест 2015” и ја освои втората награда.

Интервјуто го подготви: Марија Поповска

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели