Новогодишна анкета – Диран Тавитјан: Има некоја магија во новогодишните празници

Интервјуа

Оваа година тој и неговото почитувано семејство имаа многу успеси. Издадоа албум, организираа концерти… беа дел од прославата на македонскиот национален празник 8-ми септември со свој навистина голем и најпосетуван и најгледан концерт… едноставно 2012-та, годината која што само за неколку часа и изминува, беше токму неговата односно нивната. Почитувани, во нашата новогодишна анкета ви го претставуваме Диран Дики Тавитјан, дел од музичкото семејство Тавитјан. Што тој ни одговори во врска со пречекот на Новата Година, каде и со кого ќе биде кога сказалките ќе се склопат, што ексклузивно ни открива за своите планови но Новата 2013-та… прочитајте во продолжение.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата Година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува и е нова година?

Диран Тавитјан: Јас сум од оние луѓе кои се радуваат на новогодишните и божиќните празници. Ми се допаѓа топлината и веселоста меѓу луѓето во празничните денови, зимската покривка, гужвите, накитените улици, топлите костени, новогодишната елка, роднините, дружењата со блиските, пост празничниот мамурлук… има некоја магија во тие денови, но сепак, повеќе уживам во предновогодишната еуфорија и Божиќ отколку во самиот дочек.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата Година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Диран Тавитјан: Јас сум гурман, така да во моето семејство традиција е да има разновидна и свечена софра за новогодишните и божиќните празници. Тоа е еден вид завршеток на еден период и почеток на новата година која треба да се пречека бериќетно и со позитивна енергија. Сакам да подарувам без разлика на природата, а посебно уживам во новогодишните подароци.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова Година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Диран Тавитјан: Празниците ги доживувам како еден убав период во кој ги испраќаме сите искуства и доживувања, а преку веселбата, свеченоста и дружењето како и во интимните моменти со најблиските ја обновуваме енергијата за нов циклус на предизвици и успех во Новата Година.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Диран Тавитјан: Сеуште немам испланирано, но ќе биде весело.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Диран Тавитјан: Според мене, музички настан на мојот живот, а кој се случи во 2012-та е концертот “Македонското срце чука во 7/8” на гратскиот стадион на кој присуствуваа  70.000 посетители. Тоа е најголемиот концерт во историјата на нашата земја и среќен сум што Македонија ни ја даде таа чест… Благодарен сум на сите Балкански и Македонски артисти кои земаа учество, а најмногу на македонскиот народ кој покажа колку си ја сака татковината и своето културно богатство… За мене овој концерт претставува подарок од Бога и искуство кое ќе го паметам засекогаш!

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што ви сакал да ти се остварат во текот на идната нова година, нешто што досега не ти се случило?

Диран Тавитјан: Што се однесува до плановите, се работи на 3-от дел од најпродаваниот македонски албум “Македонското срце чука во 7/8”, планираме патувања, нов албум на браќата Тавитјан, концерти и соработки со светски артисти и многу напорен, но сладок период во кој се надевам ќе направиме уште повеќе за музиката и татковината.

Музика24: Што би им посакал во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Диран Тавитјан: Пред се би им посакал добро здравје, лесно да си ги реализираме соновите, да ни оди се од рака, да се сакаме вистински и наместо малодушност, да имаме доблест за прифаќање туѓи успеси, да имаме работна сила за натпревар со нашите лични квалитети… Да не ја изневеруваме довербата која ни е дадена од друг, понекогаш да одвоиме од себеси и да помагаме на тие на кои тоа им е потребно… да уживаме во музиката, љубовта и животот!

Подготви: Елена Крагуеска

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели