Ексклузивно интервју на Музика24: Тијана Дапчевиќ (Фото)

Интервјуа

Екипата на Музика24 во Битола имаше ексклузивна можност да направи интервју со една од најпознатите македонски пејачки, но и најактивната и најангажирана македонска пејачка во регионот, Тијана Дапчевиќ. Тијана ексклузивно за водечкиот македонски музички портал – Музика24 ја најави својата нова песна, но и открива ексклузивни информации за нејзиниото учество во телевизискиот проект “Твоето лице звучи познато”, за нејзиниот ангажан во тв серијата “Преспав”, како и што мисли за музичките талент шоу-а и учеството на Македонија на Евровизија.

Музика24: Тијана добредојдовте во Битола. Како се чувствувате во Битола и после колку време повторно настапувате тука?

Тијана Дапчевиќ: Па одамна, последно бев тука приватно на свадба со сестра ми. Јас сакам да дојдам тука во Битола и приватно, јас ја сакам Битола, го сакам Широк сокак и енергијата. Битола од секогаш била посебна и различна од сите градови во Македонија.

Музика24: На сцената сте 18 години, која е тајната формула за големиот успех водејќи се од фактот дека сте најактивен и најангажиран македонски изведувач во регионот?

Тијана Дапчевиќ:  Нема тајна, треба да го пратиш своето срце, да бидеш разумен, цврсто да стоиш на нозете, да не правиш многу компромиси, да ги сакаш и почитуваш луѓето и публиката. Само така ќе траеш, и секако да ја имаш подршката на најблиските. Јас морам да ја имам таа подршка од сопругот од син ми, секоја песна прво му ја пуштам син ми Вук, па ако него му се допадне ја пуштаме во етер.

Музика24: Неодамна го најавивте Вашето учество во популарното тв шоу “Твоето лице звучи познато”, каков предизвик е ова за Вас и какви се Вашите очекувања?

Тијана Дапчевиќ: Предизвикот е голем, тој формат е како измислен за мене бидејќи можам првенствено себеси, а потоа и на другите да ги покажам сите мои таленти. Покрај со пеење се занимавам и со глума, веќе 5 години сум ангажирана во театар, а имавте и прилика да ме видите во “Преспав” во првата и втората сезона, а еве сега и ексклузивно за Вас можам да Ви кажам дека вчера добив информација дека ќе се снима и трета сезона на пролет. Малку ми е криво што не ме поканија порано, но добро се случува, луѓето грешат. Се надевам дека нема да ја разочарам публиката, бидејќи сите со нетрпение ме очекуваат, јас целосно се посветив на шоуто и се друго откажав.

Музика24: Досега сте биле дел од жирито на неколку музички талент шоуа, кое е Вашето мислење дали се создаваат вистински и квалитетни ѕвезди или пак инстант ѕвезди кои кратко траат?

Тијана Дапчевиќ: Сведоци сме дека 21-от век е таков се брзо се случува, па така и самата музика и шоу бизнисот е брз. Тие талент шоуа за млади од една страна се добри, а друга лоши бидејќи тие млади луѓе мислат дека ќе направат кариера. Знаете што се случува тие од еднаш ќе добијат 40-50 илјади следбеници на Инстаграм и мислат дека целиот свет е нивен, ете тука е моментот на кршење и затоа кратко траат. Тие треба да ги искористат паметно тие нивни “5 минути”, да стојат цврсто на нозете, затоа што не се единствени има многу такви во морето на пејачи и актери. Сведок сум на многу луѓе кои ги познавам кои победиле на такви талент шоуа, а после неколку месеци никаде ги нема затоа што се расфрлаат со цени. Јас сум пејачка која ја почна кариерата во претходниот век па така од секогаш мислам дека треба да се цени квалитетот, а не квантитетот. Затоа тие траат колку јогурт.

Музика24: Дали планирате да настапите на некој од македонските фестивали на забавна музика?

Тијана Дапчевиќ: Ако ме поканат зошто да не, тоа е убав момент да се промовира песна, да се дружиш со колегите. Но мислам дека тое е некако “истопено”, бидејќи во последните години веќе од напред се знае кој ќе победи. Би сакала, но и финансискиот момент е многу важен бидејќи песната, гардеробата, шминката… сето тоа чини. Ако на песната и е судено да биде хит таа и без фестивал ќе биде хит.

Музика24: Дали би снимиле дует се некој турбо-фолк изведувач и кој би бил тоа?

Тијана Дапчевиќ:  Па незнам, се договоравме со Лепа Брена, бидејки приватно се дружиме и многу се сакаме. Се договоравме пред неколку години, но ете не се случи. Но најповеќе би сакала да снимам дует со сестра ми,  едвај чекам тоа да случи.

Музика24: Кој е Вашиот став за учеството на Македонија на “Евровизија”, што ни недостасува и треба ли да продолжиме да учествуваме?

Тијана Дапчевиќ: На оваа тема можам многу да зборувам, јас го имам тоа искуство да ја претставувам Македонија и тогаш јас бев сама на сцената со моите пратечки вокали Тамара, Пере и Диме, а Македонската радио телевизија која ме ангажираше беше на екскурзија. Ете тоа е главниот проблем што Македонската радио телевизија мора да свати дека не оди на екскурзија туку на Евровизија. Треба што подобро да се промовираат песната, изведувачот но и самата земја. За да влеземе во финале мора да се лобира, да се работи на маркетингот. Во мај е следната “Евровизија”, а ние сеуште немаме претставник а требаше одамна да го имаме. Едноствано тие мора подобро да се ангажираат ова важи и за Македонија, но и за Србија. Сепак морам да признам дека тоа мое искуство е едно од најубавите во мојата кариера.

Музика24: Што можеме да очекуваме од Тијана на музички план во наредниот период?

Тијана Дапчевиќ: На крајот на ноември или почетокот на декември треба да се појави нова песна. Таа песна незнам зошто, но веќе 5 години ја чувам во фиока а секој што ќе ја чуе не останува рамнодушен. Многу е поразлична од се што досега сум снимила, целосно е поразлична, питка и убава песна која заслужува да си го најде своето место на музичкото небо.

Музика24: И за крај што ќе им препорачате на читателите на Специјализираниот македонски музички портал – Музика24?

Тијана Дапчевиќ: Да ја слушаат и почитуваат македонската музика. Да се бара што е можно повеќе да се пушта на радио затоа што имаме многу добри изведувачи и музика. Ова е апел до сите луѓе кои прават музика, правете повеќе македонска музика и оставете ја српската и хрватската музика. Никој да речеме во Србија не останува рамнодушен на македонската музика, јас живеам таму веќе 17 години и луѓето прашуваат зошто ние немаме таква музика, македонците се најталентираната нација во регионот. Ја знаете онаа стара народна поговорка? Кога одите во Србија немојте да играте ќе ве надиграат, кога одите во Босна немојте да пеете ќе ве надпеат, а во Македонија немојте ниту да пеете ниту играте оти ќе ве надпеат и надиграат. Македонците се најталентирана нација и тоа треба да го искористме.

Интервјуто го подготови: Филип Етмишовски

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели