Имам нешто да те прашам

Тања Станковиќ: Не барајте многу, зошто само тогаш ќе имате повеќе (Фото+Видео)

Таа некогаш беше популарна, навистина многу популарна… беше на врвот и се разбира број 1 на македонската поп музичка сцена. Немаше емисија, концерт, манифестација каде што таа немаше свој настап. Многумина ја паметат по големите хитови кои и ден денес се пеат и препејуваат, на многумина им недостасува на нашата поп сцена, ако ништо друго барам еднаш, барем само еднаш на сцена да покаже што е вистински пејач, да им одржи лекција на сите оние самонаречени и самобендисани пејачи и сите оние мамини и татини мази кои ако ги прашате која е Тања Станковиќ само бледо ќе ве погледнат и ќе кренат рамена. Таа денес среќно живее со својот сопруг во Америка, можеби далеку од Македонија, но сепак блиску до сите нас. Музика24 ја пронајде и со неа направи ексклузивно интервју кое се надеваме само за миг ќе ве подсети на 90-те…

Музика24: Да се вратиме малку на почетокот. Која е Тања Станковиќ? Како започна да се бави со музика и од каде потекна идеја и желбата за музика?

Тања: Тања Станковиќ е дете на една многу талентирана фамилија: Бабами и дедоми свиреле на мандолина и пееле во градскиот хор. Мајка ми Блашка, вујко ми Петар и тетка ми Љубица имале своја вокална група (трио Стоилови) со која настапувале насекаде низ Македонија и јужна Србија (тогаш мајка ми го запознава и татко ми на еден од тие настапи), а подоцна мајка ми продолжува соло како шансониерка на француски шансони, заедно со познатиот шансоњер Драган Стојниќ. Татко ми Слободан, со својот неповторлив тенорски глас, кој што секогаш ќе ми недостасува, ми беше голема подршка во мојот ран музички живот. Во последните години од својот живот, тој успеа да сними свое це-де (во нашето студио) за кое сум му неизмерно благодарна. Амбициите и добрата организација ги научив од мојот татко, за кои верувам покрај мојата дарба за музика, беа исто така голема помош за мојот успех.
Во нашиот дом музиката беше секогаш присутна. Се сеќавам каде и да патувавме сите четворица пеевме во кола, многу често татко ми ме учеше да пеам староградски српски и македонски народни песни. Дури по толку години сваќам кое богатство било тоа.
Многу често моите родители правеа забави дома и мајка ми со својата гитара знаеше добра атмосфера да направи. Татко ми беше латино бој, па така, секакви жанрови се слушаа по дома. Многу рано почнав да свирам клавир, каде покажував доста успеси во разни натпревари и настапи. Но, од секогаш знаев дека сум превенствено пејач и кога дојдов на Македонската академија, сфатив дека е време да го остварам својот сон: Да успеам со пеењето! Најпрво започнав со групата “Асторија” како клавијатурист и пратечки вокал каде го научив занаетот за пеење и како да се снаоѓам во тој свет на музиката, а во 1991 година испратив песна на фестивалот “Макфест” (“Само ти”) и работата тргна!

Музика24: Зад себе имаш многу настапи, фестивали, концерти во живо… која песна, кој настап… што би издвоила како нешто на што најмногу се радуваш, се сеќаваш и би сакала кога би можела повторно да ти се случи?

Тања: Сите мои настапи беа радост за мене, но, настапот на Евровизија во Англија беше посебно доживување, а верувам и на секој музички уметник кој успеал да дојде до тоа ниво. Го молев Бога еден ден да настапам на познатиот фестивал на забавна музика “Санремо”, а тој ми ја даде Евровизија, уште поголем залак за кое искуство сум многу благодарна.

Музика24: Искрено, имаше одлична кариера, речиси хит до хит… нешто за што копнеат многу од денешните “ѕвезди” на македонската поп сцена, нешто што ретко кој кај нас го има достигнато (со ретки исклучоци). Зошто? Зошто едноставно се откажа и престана со успешната музичка кариера и замина? Која беше причината за тој голем животен чекор, промена и зошто толку голем ризик и почеток одново?

Тања: Кога влегов во шоу бизнисот и во тој свет на поп музиката, факултетот ми беше ставен на страна, едноставно не можев двете работи да ги терам во исто време. Наутро на предавања во Музичката академија, а навечер снимање до доцна навечер. Тоа темпо беше невозможно да се издржи, дури едно едно време и попуштив малку со здравјето (од сите тие стресови тироидната жлезда ми откажа, што и ден денес имам проблеми со тоа. Метаболизмот беше целосно бавен и веќе долг период имам проблеми проблеми со тежината). Видов дека тие две работи не одат заедно. Дојде време кога морав да одлучам дали ќе бидам музичар без школо или музичар со школо и чиста совест. Сепак се одлучив за второто, бидејќи разумот ми кажуваше дека пеењето можеби нема да трае цел живот, а јас ќе морам од нешто да живеам. Штета ќе беше да не го довршев школувањето, зошто навистина бев добар студент. Решив тоа да го направам што е можно поскоро, и така направив. Го довршив факултетот (успеав дури и на два факултети да дипломирам – хорско диригирање и музичка теорија), а потоа заминав со моето семејство во Хрватска каде мојот сопруг Игор ги запиша своите студии, а потоа заедно магистриравме на Осијечкото свеучилиште. Кога ги завршивме нашите школски обврски, решени да се вратиме дефинитивно во Македонија, добивме шанса да заминеме во Америка за која верувавме дека е Божји план за нас. Искрено, никогаш не сум се чувствувала  послободно како овде. За кратко време Америка ми стана топол и удобен дома. Чикаго е град на музичарите и мислам дека дојдовме на вистинското место. Луѓето се прекрасни, друштвени, љубезни… среќни сме тука. Се работи многу, да, но ја обезбедивме иднината на Џулијан што е многу важно. Овде влеговме во брза машина каде треба секојдневно да се држи темпо и да се отвараат десет очи, но сепак, верувам дека ќе најдам наскоро време и добра инспирација за нова песна (се смее).

Музика24: Зад тебе се познатите хитови: “Само ти”, “Ти”, “Песна за тебе”, “Запни машки”, “Прости ми”… и уште многу други. Дали откако замина и се пресели во Америка, со сопругот каде што и денес живееш, ти недостасуваше македонската музика, сето она дружење, фестивали, настапи…?

Тања: Се разбира дека ми недостасува, посебно од како дојдов во Америка каде турбо се работи и многу малку време имам за себе. Македонската музичка сцена секогаш ќе биде дел од мене и среќна сум што е така.

Музика24: Веќе десетина години живееш во Америка, што прави во моментов Тања? Дали сеуште се бави со музика, која е нејзината преокупација и како го поминува еден обичен ден?

Тања: Веќе 5-та година пеам во госпел – хорот на познатата протестантска црква Willow Creek (40.000 членови) и многу сум задоволна. Аудицијата која ја поминав беше големо искуство и успех за мене. Покрај 2000 кандидати, јас бев меѓу само тие 20 кои успеавме да влеземе во музичката екипа. Бендот и хорот се со одлични музичари, претежно се црнци и од нив учам секој пат нешто ново. Голема сатисфакција е да се музицира со нив, навистина. Преку недела сум пијано инструктор (отворив свое мало музичко школо во својата куќа, а некои денови патувам за да одржам час во куќите на некои деца), клавирот ми е добра егзистенција, но душата си ја полнам за викенд, тогаш сум јас таа
вистинската Тања.
Покрај другото, морам да го споменам нашето куче Бени кој е веќе една година со нас, кој е досаден до смрт, но еден миг не можеме без него (се смее). Игор е асистент во познатиот Guitar Center во северен Чикаго и се гордеам со неговиот успех. На пролет се подготвува да запише докторски студии по религија и филозофија, Џулијан е трета година средно училиште, свири клавир и германскиот јазик е неговото ново задоволство… секој со своите обврски. Преку недела многу не се гледаме, но во саботите сме заедно, одиме во црква, ќе прошетаме некаде накратко, вообичаено ручаме надвор од дома, навечер имаме домашно кино (со пуканки, пица и сок, се разбира), некој ќе не посети или некого ќе посетиме и така денот поминува. Овде се работи многу, денот е доста краток, но за брзо време купивме куќа, 3 автомобили и секоја прилика да се види нов град, барем за викенд, не ја пропуштаме.

Музика24: Се ближи Новата година, празници на кои сите се радуваат. Каде Тања со семејството ќе ја дочека новата 2013 година? Како се подготвува и дали има некои посебни ритуали или пак начини на празнување?

Тања: Во Америка за Нова година нема многу ритуали. Божиќ е главна шема и трае со денови: посебна вечера со семејството, претходно порачување честитки со семејна слика покрај елката, украсување на целиот дом внатре и надвор, подготвување подароци за блиските пријатели… Од како сме тука, обично сме поканети од страна на нашите овдешни пријатели на домашна забава, но оваа година ќе останеме дома поради мојата мајка. Џулијан е веќе голем дечко и Новата година ќе ја прослави со своето друштво, а ние ќе останеме дома.

Музика24: Иако одмана веќе не си дел од неа, дали ја пратиш и си информирана за моменталната состојба на македонската музичка поп сцена? Дали контактираш со поранешните твои соработници и си разменувате мислење и искуства?

Тања: Се разбира дека контактирам со сите мои поранешни македонски колеги. Морам да признам дека далечината си го прави своето, но сепак успевам да ги одржувам контактите преку скајп, фејсбук… Додека мајка ми беше во Македонија, таа ми беше најдобар информатор на сите случки на македонската сцена, но од како се пресели овде, сите поважни информации ги добивам он лајн (се смее). Не сум се грижела никогаш за македонската музичка сцена, затоа што македонците секогаш биле и ќе бидат талентирана нација.Музика24: И покрај се… животот во Америка, новите секојдневни предизвици и начинот на тамошниот живот, дали некогаш си размислувала, дали си помислила барем за миг, дека токму сега е моментот за повторен камбек на мак сцената или едноставно можеби за нова песна која ќе привлече внимание и ќе не потсети сите нас што значи вистински изведувач во буквална смисла на зборот?

Тања: Моето моте е: “Никогаш не вели никогаш!”. Не е дека не размислувам за некоја нова песна со нов спот, но засега темпото со кое што живеам не ми дозволува да го остварам тоа. По смртта на татко ми, одлучив да се грижам за мајка ми. Минатото лето таа се пресели кај нас и можам да кажам дека сум среќна што сме повторно заедно. Вистина, пред себе имам еден голем проект: мајка ми е скоро неподвижна и грижата околу неа воопшто не е лесна, но една е мами и тоа го сфаќам како можност да барем на некој начин се оддолжам за се што таа и татко ми направиле за мене во мојот живот. Наутро сум со обврските околу неа, домашните работи кои секојдневно се извршуваат (шопинг, подготовка на ручек, средување по дома, обврските кон Бени исто така – тој ни е како бебе по дома (се смее). Многу е тешко да се работи со американските разгалени деца кои знаат да бидат голем стрес понекогаш, но во исто време задоволството кога ќе научат некоја песна, а потоа следи детска наивна насмевка.

Музика24: И како за крај, како би ги поздравила читателите на Музика24 и што би им посакала во новата  2013 година?

Тања: Ќе кажам едноставни работи, без многу филозофии: Бидете ми сите живи, здрави и весели и секогаш да бидете тоа што сте, ако сакате да бидете среќни. Бидете задоволни со тоа што го имате, не барајте многу, зошто само тогаш ќе имате повеќе. Те сакам и те гушкам Македонијо!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: