Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: “Skopje Crew”

Се нарекуваат “Skopje Crew”, млади се, надежни, а досега имаат настапувано на многу хип-хоп манифестации, концерти и фестивали. Екипата на специјализираниот македонски музички портал Музика24 поразговара со Анѓело и Андреј дечките кои од мали нозе знаат како е да се гази по трнливиот пат и да се биде она што се сака. Тие се само претставници од оваа група во која се вкупно седуммина.

Музика24: Најпрво кажете ми, како сте, по колку години имате, од каде сте и од кога започнавте да се занимавате со хип-хоп музиката?

Анѓело: Здраво! Јас сум Анѓело, член во СКЦ уште од самиот старт. Имам 19, да се каже за брзо време 20 години. Живеам во Скопје, од каде потекнува и името и целата група. Со хип-хоп почнав да се бавам уште од дете, мислам дека имав 9 години.

Андреј: Здраво живо, јас сум Андреј имам 19 години од Скопје, Ново лисиче… почнав да се занимавам со хип-хоп музикава од кога имав 10 или 11 години, секако не се разбирав во ништо, ама меракот си го направи своето.

Музика24: Што значи Вашето брендирано име, по што Ве препознаваат?

Skopje Crew: Па сите добро знаат дека името потекнува од нашиот град, Скопје. Како поголема дружина, од различни населби, одлучивме групата да биде на ниво на нашиот град. Skc – Skopje Crew.

Музика24: Каде се досега имате настапувано?

Анѓело: Сме учествувале на доста настани како што се : “Тотал демо фест”, Хип Хоп Награди и други натпревари од сличен карактер. Повеќето настапи се случувале во Хавана, Кастро, Папаја и многу други останати места во Скопје. И како најзначаен настан, што го организиравме ние СКЦ, Меморијалниот концерт во име на Филип Бос.

Андреј: Освен со Скопје Кру, имам настапувано како предгрупа на ДНК во Метрополис арената и предгрупа на американскиот рапер Афу-Ра во Хавана.

Skopje CrewМузика24: Со кого од македонската хип-хоп сцена би сакале да снимите заедничка песна?

Анѓело: Конкретно, немам некоја желба, но има доста артисти со кои соработуваме. Поздрав до сите.

Андреј: Единствено со Чиста Околина, никој друг.

Музика24: Колку видео спотови досега имате реализирано за Вашите песни?

Skopje Crew: Па до сега имаме снимено околу 7 спота.

Музика24: А што е она што од секогаш Ве привлекувало кон овој жарн на музика?

Анѓело: Прво и основно, тој вид на музика е тоа што ме прави задоволен. Самиот звук и начин на живот е тоа што ме привлече да го слушам рапот.

Андреј: Кон рап музиката ме привлекоа постарите батковци од маало. Слушајки ги нив си реков “па и јас да пробам зошто да не”.

Музика24: А која е Вашата инспирација да го правите она што го правите на најдобар начин, да пишувате текстови и создавате хип-хоп музика?

Анѓело: Околината… тоа е основниот фактор што не тера да пишуваме. Секојдневниот живот, дружбите и сите позитивни и негативни страни во нашиот град.

Андреј: Првите текстови ми беа љубовни… не беа пишувани за да ги снимам како песни или нешто слично. Пишував за своја душа, па со тек на време кога ја сменив темата почнав и да снимам.

Музика24: Освен што се занимавата со музиката, пишувате, снимате, имате настапи… кажете ми, како го поминувате Вашето слободно време?

Skopje Crew: Хахаха… во слободно време се собираме, седиме маалски, муабетиме, пиеме, фристајламе. Сето тоа не прави задоволни.

Музика24: Дали освен хип-хоп, како Ваша основна музика, слушате и сакате да слушате и друг жарн на музика?

Skopje Crew: Па се случува некогаш, но се знае основата е Хип-Хоп.

Музика24: Вашата пријателка од Битола Мартина Петровска беше во Аргентина и на најпознатите ѕвезди им даде Ваши цд-на, дали тоа Ве прави среќни што некои познати ѕвезди се сликаа со Вашето цд?

Skopje Crew: Да ја искористиме шансата во ова интервју. Сакаме да ја поздравиме многу Мартина и да и кажеме дека многу сме и благодарни за сите работи што ги направи за нас. Благодариме и за одвоеното време, преку кое што не испрезентира во друга држава и додели цедиња на одредени ѕвезди од Аргентина.

Skopje Crew_3Музика24: Кога би им препорачале на Вашите фанови, односно, наши читатели да слушнат некои Ваши хип-хип песни, кои би биле тие?

Skopje Crew: Имате доста артисти од домашната и странската сцена, изборот е голем. Слушајте го тоа што Ве исполнува и Ве прави среќни.

Музика24: И за крај на ова интервју, какви планови имате за во иднина? Имате ли можеби во план нова песна или…? 

Анѓело: Па плановите се обемни. Како артисти, работиме посебно на доста соло проекти. Еве како шанса, можам да најавам дека во скоро време ќе искочи мојот прв соло проект. Очекувајте добри ствари.

Андреј: Јас имам во план периодов да се фокусирам во студиото Урбан Рекордс, главно како продуцент и работам на албум мој и на колегата Арди. Се работи на албумот на Гамо кој е дел од Скопје Кру и како продуцент и гостин на Анѓело на неговиот албум што треба да излезе набрзо.

Интервјуто го подготви: Маринела Каранфилоска

Можеби ќе ве интересира: