Имам нешто да те прашам

Борис Цветановски – ново лице на македонската музичка сцена (Фото + Видео)

“Капка по капка” е насловот на првиот сингл од првиот албум на младиот и згоден дечко, новото музичко лице на македонската музичка сцена Борис Цветановски. Инаку младиот пејач изминатата недела заедно со добро одбрана екипа го снимаше својот прв видео спот за песната “Вози, вози ме”, на чие снимање присуствуваше и екипа од специјализираниот македонски музички портал Музика24. Како што вели самиот Борис, пополека, но сигурно го комплетира материјалот за неговиот прв албум кој веќе е во завршна фаза и за кој како што вели главен “виновник” е познатиот македонски продуцент и музичар Горан Милошески.

Што се однесува до снимањето на видео спотот за песната “Вози, вози ме”, Борис ексклузивно само за Музика24 го изјави следното:

“Идејата за спотот за песната “Вози, вози ме” е долго време мислена и преработувана од мојот тим. Приказната ја чувствувам доста блиска. Видео спотот започнува во еден мој баксузен ден каде возејќи, на сред пат ми се расипува колата. Нервозен ја оставам колата на патот и продолжувам да пешачам, бидејќи до вечерта морам да стигнам на настап. По пат се случуваат три приказни со три различни девојки, кои ми доаѓаат со иста кола, ми се враќаат во ист филм, но ниту една не ми се допаѓа. На крајот некако успевам да стигнам на свирката, таа завршува и во раните утрински часови пешачам накај дома. Се појавува симпатична девојка на велосипед која го одвлекува моето внимание и со која што заминувам. Инаку, во оваа прилика преку вашиот ценет музички портал сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои присуствуваа на настапот и имаа активно учество во спотот”, изјави за Музика24 младиот пејач и автор Борис Цветановски.

Boris Cvetkovski“Cut production” од Битола го реализираше првиот видео спот на Борис, го прашавме како е задоволен од снимањето и од самата продукција, а тој за Музика24 одговори:

“Презадоволен сум најпрвин од “Cut production” која го снимаше ова видео и од креативниот режисер Томе Власески кои вметна луди идеи кои на почетокот ми изгледаа невозможни. Позади камерата работеше тим од петнаесет луѓе на кои сум им бескрајно благодарен и без нивното учество и професионалност немаше да се оствари првичната замисла. Видеото се снимаше два дена и ме радува тоа што на самото снимање преовладуваше позитивна енергија. Постојат еден куп анегдоти за тоа што ни се случуваше во текот на снимањето, но ме радува тоа што на крај се излезе како што треба”, додаде Борис.

Boris CvetkovskiИ не би биле музички портал ако не прашаме и не се информираме до каде е новиот албум за кој на големо слушавме последниот период, што по издавање на истиот и секако дали секоја од песните на истиот ќе добие свој видео спот, а Борис на сево ова со задоволство ни го кажа следното:

“Албумот е веќе снимен и моментално се работат последните финеси на песните. Најавено е дека целокупниот материјал излегува на крајот од месец септември. “Капка по капка” е првиот сингл, веќе испромовиран и активно е застапен по радио фрекфенциите низ цела Македонија. “Вози вози ме” е вториот сингл за кој се снимаше и спот, а ќе излезе околу 15-ти јуни. Материјалот се работеште три години, од кои најмногу време се работеше на вокалот. Во текот на летото најавувам промоција на уште еден сингл, а во септември, конечно промоција на цел албум. Морам да напоменам дека овој албум е составен од осум композиции, отсвирени во живо од докажаните студиски музичари: Бобан Василески – гитара, Игор Николовски – тапани, Горан Милошески – клавијатури , Проф. Васко Ристов и студентите – дувачки инструменти , Бојан Новевски – бас гитара, студенти од ФМУ на гудачки инструменти, Анета Ристова – пратечки вокали. Сакам да најавам дека по промоцијата на албумот, заедно со мојата продукциска куќа планираме снимање на видео записи за сите осум композиции”, изјави ексклузивно за Музика24 младиот пејач Борис Цветановски.

Во продолжение додека го очекуваме првиот видео спот, ви предлагаме да го погледнете, односно, преслушате првиот сингл “Капка по капка” кој е хит број 1 во последниот период.

https://youtu.be/M_29XE2iaDo

Подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: