Trio Gentlemen: Македонската естрада заслужува убава македонска музика (Видео)

Интервјуа

Во неделата на 28-ми јануари во Македонскиот Народен Театар пред голем број на пријатели, соработници и фанови “Trio Gentlemen” ја промовираа својата нова песна “Немој веќе да ме чекаш”, како и новиот видео спот во продукција на “Дел Рио Филмс”. Екипа на музичкиот портал Музика24 беше дел од оваа голема гламурозна промоција, каде поразговаравме со дел од членовите на ова познато македонско трио. Што открија и кажаа пред микрофонот на Музика24, прочитајте во продолжение.

Музика24: Ексклузивно за читателите на Специјализираниот македонски музички портал Музика24, кажете ни како сте задоволни од новиот музички проект? Дали е тоа тоа што Вие го очекувавте?

Trio Gentlemen: И овој нов проект, по втор пат, го работиме со иста продукција. Презадоволни сме од нив “Дел Рио Филмс” и од режисерот Александар Николовски, Песната е прекрасна како што и знае да направи Г-нот Копров. Така да се надеваме на добри впечатоци и на добар збор за видео спотот и песната.

Музика24: Која беше екипата со која што го реализиравте видеото за оваа песна, каде беше истото снимано и колку време траеше самото снимање?

Trio Gentlemen: Видео спотот го снимавме околу два дена. Снимањето се одвиваше на различни локации и тоа во Хотелот “Парк” како и местото каде што моментално се наоѓаме Македонскиот Народен Театар. Видео спотот требаше веќе да биде промовиран пред неколку месеци, но поради некои технички причини малку подоцна излезе. Беше на мастеринг, потоа чекавме празниците да поминат и целата таа празнична еуфорија да помине за да можеме вака официјално во овој прекрасен амбиент да го презентираме нашиот видео спот.

Музика24: Вие сте познати оперски пејачи, освен што создавате македонска музика и тоа засега одлично го правите, со што друго сте ангажирани во текот на денот, односно, што друго работите?

Trio Gentlemen: Слободно можам да кажам дека 24/7 сме заедно, затоа што работата ни го наложува тоа. Македонска Опера и Балет е местото каде што сме секогаш таму и нормално каде што ги одржуваме нашите проби, каде што ги правиме нашите проби за нашето трио. Значи, освен во опера каде што може да не видат, почитувачите на нашата музика и сето она што го работиме, можат да не видат и со нашето трио кое што постои две ипол години. Се надеваме дека ќе продолжиме и понатаму со вакви успеси и уште поголеми од ова.

Музика24: Дали како интересно и специфично музичко трио во Македонија имате настапи?

Trio Gentlemen: Да, видете во Скопје и Македонија се слушна за нашето трио и многу е интересно што луѓето ако сакаат нешто интересно и ново, знаат да се јават, да исконтактираат за приватни забави, за поголеми јубилеи, така да настапуваме на поголеми манифестации досега на “Златна Буба Мара на популарноста”, “Макфест”. Оваа година се надеваме дека ќе настапуваме и на други фестивали за што веќе преговараме доколку се се исполни и од нивна и од наша страна. Така да приватните забави секогаш се тука. Кога ќе го видиме фидбекот од настанот, настан си е настан публика си е публика, ние сме навикнати во опера публиката да седи на столчиња, од друга страна со триото сме навикнати да знаат да не слушаат, да не мора да биде она официјално затоа и нашето трио “Trio Gentlemen” е поп-класика. Класиката на еден подруг начин ја носиме и мислам дека до сега каде што сме виделе каков е фидбекот многу сме задоволни и продолжуваме и понатаму да работиме.

Музика24: Денес ја промовиравте вашата втора песна, кажете ни планирате ли на овој начин да продолжите да работите и функционирате, издавање на албум, голем концерт пред македонската публика?

Trio Gentlemen: Македонската естрада заслужува убава македонска музика, а посебно ќе кажам и за групи, затоа што мислам дека сме една од единствените пејачки македонски групи. И жално е што не се вложува, треба да има многу повеќе и треба многу повеќе да се вложува и публиката ќе го осети тоа. Треба да ја избегне онаа шунд музика како сите што ја нарекуваме, да ја избегнеме со наша добра и квалитетна македонска музика.

Музика24: Вие сте веќе познато македонско музичко трио, со кого од македонската музичка сцена би сакале и имате желба да снимите дует, песна која што би била голем хит и би се пуштала по сите радио и тв станици?

Trio Gentlemen: Па повеќето од нашите кој се дел од македонската музичка сцена ни се многу добри пријатели, колешки и колеги, со сите од нив живееме. Треба едноставно енергијата да се спои некоја или некој со нас тројца, но не велиме дека нема да се случи наскоро и тоа. Нека биде една мала тајна.

Во продолжение на ова кратко, но интересно промо интервју, погледнете го новиот видео спот за песната “Немој веќе да ме чекаш”. Уживајте.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели