Милан Станковиќ: “Од мене се одвикавај” е посветена на оние кои сакаат

Сите го паметиме по учеството во популарното српско музичко шоу “Ѕвездите на Гранд”. Тој таа 2009-та година иако не победи во шоуто, остана најпосакуван и најслушан од сите натпреварувачи, воедно, одтогаш започна неговата музичка кариера. Во мај 2009-та излегува неговиот прв албум “Соло” под капата на “Гранд” продукција, а една година подоцна станува евровизиски претставник на Србија каде ја исполнува песната “Ово је балкан”, со која што влезе во финалето и го освои 13-то место. По две години пауза, односно во 2011-та, повторно се враќа на музичката сцена каде овој пат продолжува сам, без продуценска куќа, и го издава синглот “Перје”, а веднаш потоа започнува со европска турнеја. Неговата прва турнеја започна во Швајцарија. Роден е на 9-ти септември 1987 година и се вика Милан Станковиќ.

Специјализираниот македонски музички портал Музика24, по неговата турнеја во Америка, ексклузивно го подготви интервјуто со овој надалеку познат српски поп пејач. Што кажа за нашата новинарска екипа, прочитајте во продолжение!

Музика24: Која е причината и што е она што те привлекувало одсекогаш да започнеш со музика, да започнеш да пееш?

Милан: Одсекогаш ме привлекувала сцената и јавните настапи. Во училиште започнав да ја посетувам драмската секција, често одев на нетпреварување и освојував награди, а во еден момент започнав и да пеам.

Музика24: Дали некој од твоето семејство некогаш се занимавал со музика и од каде тој голем потенцијал, тој голем музички талент?

Милан: Не, досега во моето семејство никој не се занимавал со музика. Еднаш кога бев мал, се сеќавам, моите ми купија касета од Здравко Чолиќ чии песни слушајќи ги учев да ги пеам.

Музика24: Кој беше твојот музички идол кога беше мал, од кого гледаше и учеше како се пее?

Милан: Како што веќе споменав, се започна со песните на Здравко Чолиќ. Мој беше и остана мој музички идол. Инаку, покрај него, ги сакам и Тоше Проески, Дино Мерлин, Весна Змијанац…

Музика24: Освен пеењето, дали Милан знае и умее да свири некој инструмент?

Милан: Знам да свирам клавир, но малку. Дури сам ја компонирав мојата песна “Перје” и планирам да се посветам на компонирањето.

Музика24: Имаш завршено средно медицинско училиште, кажи ни, зошто не се запиша на музичка академија кога веќе сите знаеме дека си талентиран и надарен за музиката?

Милан: Јас никогаш не планирав да бидам пејач. Одлучив да се обидам во “Ѕвездите на Гранд”, два дена пред аудицијата, и потоа се започна.

Музика24: Како сега, по толку долго време, гледаат на тебе твоите врсници, пријатели и сите оние со кои израсна? Дали се променија или се е онака како и пред твоето појавување во “Гранд”?

Milan StankovicМилан: Не, не се промени многу. И понатаму сум во контакт со луѓето кои ми се драги со кои за жал немам многу време за дружење. Од време на време, дозволувам нова личност да навлезе во мојот живот, но во принцип, не се променија многу работи.

Музика24: Сите знаеме дека имаш настапи, турнеи кои понекогаш траат и по месец, а некогаш и повеќе. Освен пеењето, дали има Милан малку слободно време за себе, за спортување, малку да ужива и да се одмори од се?

Милан: Водам сметка за исхраната колку што можам и умеам, бидејќи и често патувам поради настапите и турнеите кои ги споменавте и секако, се трудам често да одав во теретана, се разбира, кога можам и кога сум слободен.

Музика24: Дали мислиш дека досега во твојот живот имаш направено некои грешки и дали учиш од нив?

Милан: А кое живо суштество на планетава не греши? (се смее).

Музика24: Освен твоите песни, кои рака на срце се хит до хит, дали на твоите настапи пееш и други жанрови на музика, светска поп, рок…?

Милан: Ги пеам во главно песните од Здравко Чолиќ, Жељко Самарџиќ, Дино Мерлин и понекогаш исполнувам некоја специјална желба.

Музика24: Која песна до сега ти е жал што токму ти не си ја отпеал?

Милан: Не размислувам за тоа. Привилегиран сум, бидејќи повеќето песни од мојот прв албум и ден денес се слушаат, па едноставно немам потреба да размислувам зошто не сум ја отпеал оваа или онаа песна.

Музика24: Излезе од “Гранд” продукција. Дали си сеуште во лоши односи со сопственикот Саша Поповиќ, како што многу од медиумите досега пишуваа?

Милан: Воопшто не сум во лоши односи со Саша Поповиќ, и никогаш нема ни да бидам. Едноставно, имавме различни визии за иднината на мојата кариера и пријателски се поздравивме. “Гранд” ми овозможи да напредувам и секогаш ќе им бидам благодарен за тоа. Медиумите во овој случај, малку повеќе претераа.

Музика24: Дали сметаш дека на некој од музичката сцена не си му симпатичен, дали мислиш дека некој те мрази, бидејќи неодамна имаше мала караница преку Twitter со фолк пејачката Сека Алексиќ?

Милан: Не знам дали некој на сегашната музичка сцена ме мрази или не, но знам дека на било кој човек да му се случи било каков успех, тоа не се простува. Инаку, со Сека не сум во караница, јас само го изнесов своето мислење, кое веројатно неа многу ја погоди.

Музика24: Долго време си слободен, во твојата песна велиш дека најдобро е кога си соло, дали е тоа навистина така?

Милан: Секогаш е добро кога си соло (се смее)

Музика24: Речиси сите медиуми пишуваа за твојата последна песна “Од мене се одвикавај” и истата ја поврзуваа со твојата поранешна девојка Радмила Манојловиќ. Кажи ни, дали е тоа навистина така и дали сте сеуште добри пријатели, како што неодамна изјави?

Милан: Песната е пред се посветена на сите оние кои сакаат. Оние кои сакале и кои и во иднина ќе сакаат. Јас и Радмила поминавме прекрасни моменти заедно и секогаш ќе останеме во добри односи, кој никој не може да ги наруши.

Milan StankovicМузика24: Која е екипата која работеше на твојата нова песна?

Милан: Марина Туцаковиќ го напиша одличниот текст кој феноменално го запакува Дамир Хандановиќ. Оваа екипа на Цеца и го подготви последниот албум, така да сум презадоволен што имам привилегија да работам со вакви соработници.

Музика24: Како Милан Станковиќ ќе ги поздрави своите верни фанови во Македонија, кои искрено, ги има премногу?

Милан: Чекам вистинска причина и повод да дојдам и да се дружам со моите фанови во Македонија. Знам дека имам многу фанови и им благодарам многу. Затоа таа средба, тој концерт мора да биде спектакал.

Интервјуто го подготви: Магдалена Атанасовска

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели