24 Ексклузивно

Ексклузивно: Дарко Билбиловски и Анета Молика снимија спот за “Ој, девојче девојче” (Видео)

Специјализираниот македонски музички портал Музика24 како и секогаш, така и овој прв Ве известува за сите музички случувања. Ексклузивно Ве известуваме дека најново на македонската фолк музичка сцена е видео спотот за песната “Ој, девојче девојче” во изведба на познатите музички фолк имиња Дарко Билбиловски и Анета Мицевска од битолската група “Молика”. Како што вели Дарко за Музика24, идејата за оваа дуетска песна е на познатиот композитор Сашо Ливрински кој сосема случајно аранжирајќи ја оваа наша македонска народна песна ги споил овие два прекрасни гласа.

Спотот е дело на ИН тв од Австралија, а истиот е снимен пред две недели во преубавото Вевачани. Инаку, реализацијата на видео спотот за оваа песна се случува токму во периодот кога познатиот фолкер Билбиловски заедно со неговата фолк колешка Елена Јовческа од Прилеп се подготвуваат за големата септемвриска турнеја која е закажана за Австралија.

“Во Австралија се подготвува голем спектакл заедно со мене и мојата колешка Елена Јовческа од Прилеп, која впрочем ќе биде дел од целата турнеја. На читателите на Вашиот специјализиран музички портал Музика24 им посакувам да останат во добро здравје и да слушаат македонска музика. А сите оние кои Ве читаат од Австралија ги поздравуваме и ги очекуваме на нашите концерти”, изјави за нашиот музички портал познатиот фолк пејач Дарко Билбиловски.

Во продолжение, погледнете го новото видео за народната преработена песна “Ој, девојче девојче” на Дарко Билбиловски и Анета Молика. Уживајте!

Подготви: Магдалена Атанасовска

Можеби ќе ве интересира: