“Извор” не подсети дека сите можеме и имаме љубов и емоции во себе (Фото+Видео)

На 23-ти февруари, онаа студена и помалку дождлива вечер, започнаа концертите и промоцијата на можеби еден од најемотивните македонски албуми досега излезени на македонска музичка сцена. И да грешиме, секако овој албум се вбројува и е еден од петте на врвот на оваа листа. “Извор” само не подсетува на љубовта… ги буди сите сетила, емоции, чувства и сето она што можеби на овој или оној начин е длабоко заспано во нас, а се нарекува љубов. Со толку милост, со толку емоции, љубов, страст… со толку жар во себе, нашата Каролина ни ги претстави сите 10 композиции кои веруваме нема некој од вас, а да се нема пронајдено барем во некоја од нив. Толку нежно, тивко, а сепак силно, излегувајќи на сцената пред таа огромна публика во Македонската Опера и Балет, Каролина она наше македонско девојче, уште еднаш ни докажа дека е вистински бренд и дека секоја песна отпеана од нејзиното грло не само што е слушана, туку истата станува дел од секоја душа, секое вљубено срце и таму таа живее.

Многумина со нетрпение го очекуваа новиот албум, кој конечно доколку веќе сте биле дел на првите три концерти сигурно го имате како спомен од истиот, а доколку не сте, концертите продолжуваат од 01-ви март и ако сакате реприза на истиот истата ја имате и на 02-ри и на 3-ти март.

Новиот албум “Извор”, музички е сличен на неговиот претходник “Македонско девојче 2”, но се добива впечаток дека овде, во сите песни владее некое слично расположение, иста динамика, сличен концепт, па затоа може да се каже дека “Извор” е покомпактен како целина од претходните. Песните се одликуваат со елементи од македонскиот народен фолклор, но се адаптирани во посовремен стил кој е актуелен во времето на издавањето на албумот, односно содржат елементи и од поп и џез музика. Со “Извор”, македонските слушатели ќе може за миг да се транспортираат во едно волшебно време на чаршии и сокаци, време на чалгии и искрени романтики, спротиставувајќи се на сите припрости стихови и смешни ритмови со кои сме преплавени од соседството.

Комплетен автор на “Извор” е веќе докажаниот Николче Мицевски, а како автори на текстовите се потпишуваат Весна Малинова и Весна Петрушевска Бејби, на само една од нив. Во продолжение, со само еден клик на следниот линк ќе имате можност да го преслушате студискиот албум: 24 Промо: Каролина Гочева – Албум “Извор”, но сепак да не се лажеме, концерт на Каролина во живо е вистинско и неповторливо доживување кое мора да се доживее и кое истото може само да се прераскажува.

Подготви: Иван Јосимовски

Повеќе на Музика24...