Пет награди за АКУД “Мирче Ацев” на фестивалот “Harmonie” во Германија (Фото)

Македонска

АКУД “Мирче Ацев” се врати од Германија со пет освоени награди од пет пријавени категории. Имено, Академскиот хор, Ансамблот за народни ора и песни и Народниот оркестар при АКУД “Мирче Ацев” беа учесници на меѓународниот фестивал “Harmonie”, кој се одржува на секои шест години во гратчето Линденхолцхаузен – Лимбург. Академскиот хор се натпреваруваше во три категории: категорија мешани камерни хорови со задолжителна композиција, категорија композиции со фолклорен карактер и категорија фолклорни хорови со придружба на традиционални инструменти, Ансамблот за народни ора и песни во својата категорија на играорни ансамбли и Народниот оркестар во својата категорија на оркестри.

Меѓународната жири-комисија составена од музички експерти од: Аргентина, Германија – двајца членови, Бугарија, Шведска и Англија ги оценуваа пријавените хорови што се натпреваруваа во 13 категории. Академскиот хор во силната конкуренција освои бронзена награда во категоријата камерни мешани хорови, сребрена награда во категоријата композиции со фолклорен карактер и прво место – сребрена награда во категоријата фолклорни хорови со традиционални инструменти. Диригент на Академскиот хор е м-р Јасмина Ѓорѓеска – хор-диригент во Македонската опера и балет.

Ансамблот за народни ора и песни освои сребрена награда, а исто така и Народниот оркестар ја освои специјалната награда за највисоко оценета инструментална група. Уметнички директор на Ансамблот за народни ора и песни е проф. Благоја Јованоски, кореограф е Владимир Костадинов, а шеф на оркестарот е Дарко Дамевски. Дотолку повеќе се значајни овие награди поаѓајќи од фактот дека на фестивалот “Harmonie” оваа година учествуваа 218 хорови и фолклорни ансамбли од целиот свет, со околу 3.000 учесници.

Фестивалот се одржа под покровителство на Канцеларот на Германија – д-р Ангела Меркел. По завршувањето на официјалниот дел на фестивалот, ансамблите на АКУД “Мирче Ацев” изведоа заеднички концерт со домаќините каде што беа сместени членовите во малите гратчиња Швабенхеим и Ворштад. По впечатоците на диригентот и членовите на хоровите-домаќини, за заедничкиот концерт рекоа дека имале сензационален концерт со сите ансамбли на “Мирче Ацев” и дека се горди што ги имале како гости на концертот во Ворштад.

Подготви: Александра Блажевска

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели