Музика на кирилица

Почина Даниел Милошевски еден од сопствениците на Авалон продукција

Плановите за уште многу успешни концерти, за уште многу светски ѕвезди да се донесат на домашен терен суровата судбина му ги прекина на Даниел Милошески, еден од сопствениците на Авалон продукција. Човекот кој живееше од музиката и за музиката заедно со својот тим менаџираше и многу домашни имиња, завчерашниот ден го поминал расположен и на работа пишува Дневник, од каде што си заминал околу 17 часот. 44-годишниот Даниел потоа отишол на тренинг (крос-фит), каде што си го извежбал предвиденото, по што враќајќи се од вообичаените спортски активности на пат кон дома почувствувал мачнина. Некако успеал да стигне и помош побарал во здравствениот дом Јане Сандански, каде што паднал, а обидите за реанимација на лекарите биле попусти. Најверојатно, Милошески починал од срцев удар.

Даниел заедно со својот брат Бобан повеќе од 20 години ја пишуваа музичката приказна наречена Авалон и им успеа и Македонија да ја стават на концертната мапа на многу светски ѕвезди.

Лени Кравиц, Били Ајдол, Боб Дилан, Брајан Фери, Дајана Крол, Ричар Клајдермен, Џорџ Бенсон, Вајтснејк, Росин Марфи, 50 Сент, Симпл Мајндс, Фејтлес, Џамироквај, Сантана, ЗиЗи Топ, Леб и сол, Балашевиќ, Пинк, Хртс… се само дел од ѕвездите чии концерти Даниел и неговата Авалон ги изработија кај нас и со што се издвоија како најуспешна концертна агенција во последните години не само на локално ниво, туку и регионално. Секако, тука и е последниот концерт на несреќната Ејми Вајнхаус во Белград, за кој некои британски медиуми им даваа илјадници фунти за да раскажат што се случувало пред почетокот на концертот, кој влезе во музичката историја како концерт на кој пејачката буквално умираше на сцената. Даниел беше дел и од тимот кој се грижи за кариерата на Каролина Гочева, а низ неговите раце ѕвезди станаа Нокаут, Ареа, Тоше Проески…

Браќата кариерата ја почнале од родниот Гостивар, каде што на средината на деведесеттите го воделе летниот клуб Авалон и оттука почнала кариерата која како што минуваа годините достигнуваше ѕвездени височини. Чекор по чекор стасаа до сегашното ниво и од Авалон изградија бренд кој е познат пошироко и од нашите граници. Од 1993 година, кога ја создаваат Авалон продукција, досега во своето портфолио имаат запишано преку 250 концерти, и тоа антологиските концерти во македонската музичка историја на Ареа во распродадениот Саем, петте на Тоше во Универзална, шесте на Каролина во МОБ, оние на Нокаут во СРЦ Кале…

Даниел зад себе ги остави сопругата Наде и двете деца – Даниела и Дарија. Посмртните останки ќе бидат изложени денес во 13 часот во капелата на Градските гробишта Бутел, а погребот е закажан во 14 часот. Почивај во мир!

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: