Имам нешто да те прашам

На кафе со… Горан Спасовски – Шојка (Стар Радио)

Некогаш беше само водител и DJ, а денес и сопственик на музичко интернет радио станица и уредник на истото. И ден денес кога ќе го посетите и слушате негото интернет Стар радио, ќе можете да го слушнете него и неговиот глас во полноќните часови кога тој ги уредува и води емисиите. Иако е студено, ние едвај го извадивме од работните простории и седнавме во едно од скопските кафулиња да поразговараме со Горан Спасовски – Шојка.

Музика24: Здраво Горан, како си, како се чувствуваш во ова студено декемвриско утро?

Горан: Здраво, благодарам на прашањето, иако денес е многу студено, јас сум секогаш одлично.

Музика24: На почеток кажи ми колку во текот на еден ден практикуваш да конзумираш кафе? Дали обично се расонуваш со кафето или… ? И кое е твоето омилено?

Горан: Со оглед на обврските кои ми го исполнуваат денот не пијам толку често кафе и не го практикувам многу, но сепак денот, викенд ми почнуваат со кафенце. Инаку да, се расонувам со кафе, посебно како што споменав пред малку, утрото после секоја работна ноќ, утрото после секој настап или после некоја од моите ноќни радио емисии. А од најомилени кафиња… турско за да се расонам, а омилено онака за преку ден… капучино, посебно кога го пијам во друштво на некоја млада да (се смее).

Музика24: Кога сме веќе кај кафето, тоа кај нас е понекогаш изговор, навика, понекогаш само така се вели колку да се излезе и да се видиме со пријател или пријателка. Дали истото и тебе ти се случува или случило досега или кога излегуваш во некое кафуле нарачуваш одредено кафе, пијалок и тоа е тоа?

Горан: Кај повеќето момци или девојки “ајде да пиеме кафе” често е изговор за средба. Секако ми се случило и мене да поканам некоја девојка на кафе иако не сум многу по кафето… ха. ха, ха, но тоа е сосема во ред затоа што под изговорот “ајде да пиеме кафенце” не се подразбира буквално да седнеме на кафе, да пиеме, да се гледаме и да молчиме. Значи мотив е разговорот и дружењето со одредена личност. Најчесто на таквите кафе средби знам да си порачам друг пијалок, а искрено ретко се случува да порачам кафе или ако веќе порачам кафе сигурно комбинирам со одреден пијалок, но пак ќе напоменам мотивот за тие “кафе средби” е запознавањето, дружењето и разговорот со одредена личност.

Музика24: Кажи ми нешто повеќе за тебе? Кој е Горан Спасовски, од кога започна да се занимаваш со музиката, од кога започна со радио водителството и гостувањето по дискотеките како DJ?

Горан: Горан Спасовски – Шојка е роден на 3-ти март… Се шегувам… хахаха (се смее). Со радиото како медиум почнав да се занимавам на тинејџерски години далечната 1995/96-та година. Благодарение на мојот талент и одличното познавање на музиката кои во тоа време беа забележани од познати луѓе од таа бранша и секако по препорака на истите тие луѓе започнав да ја запознавам магијата на радиото. На почетокот работев на техника и на музичкиот дел за подоцна после одредена обука и стекнато искуство, летото 1998-та година да започнам како радио-водител на емисии од забавен карактер кои ги реализирам ден денес. За сето тоа време работев и сеуште работам како ди џеј по клубовите низ државава и надвор од неа по покана од мои соработници од поранешните Ју републики. Моментално меѓу веќе спомнативе обврски, работам во најслушаното интернет радио во Македонија, Стар радио (www.radiostar.com.mk) каде имам свои авторски емисии.

Музика24: Уште 15-20 дена и речиси влегуваме во новата 2013 година, по што Горан ќе ја запомни оваа 2012-та и што би сакал да ти се случи во новата година?

Горан: 2012-тата година не ми донесе некоја голема промена во животот и работата, но сепак највеќе ќе ја памтам по дружењето со внук ми и внука ми кои ми беа мотив да ги исполнам сите обврски. Покрај нив научив како е да се биде вујко и секако како да се справам со обврската за која досега воопшто не сум размислувал, а таа е соочување и справување со слаткиот проблем насловен како ДЕЦА, хахаха… Во Новата година очекувам здравје пред се, потоа успех во работата, среќа и многу љубов како за себе така и за сите добри луѓе кои живеат под ова небо.

Музика24: По неколку месечна пауза, нашиот музички портал повторно е пуштен на интерет просторот, како би ги поздравил нашите читатели и твоите верни фанови и обожаватели?

Горан: Посетувајте го секојдневно најдобриот музички портал Музика24 затоа што во него работат проверени новинари и луѓе кои презентираат проверени и навремени информации поврзани со музиката и повеке од тоа, а за моите слушатели/ки, поздрав и благодарам за подршката и довербата.

Музика24: И како за крај, како што го започнавме разговорот така и ќе го завршиме, дали навечер можеби пиеш кафе, можеби пред легнување и кое е тоа?

Горан: Навечер пред спиење многу ретко пијам кафе затоа што ме остава без сон, а кога пијам тоа е најчесто капучино.

Интервјуто го подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: