На кафе со… Ристе Тевдовски

На кафе со..

Музика 24 ви претставува уште една наша позната македонска поп ѕвезда која досега се покажала и докажала. Станува збор за Ристе Тевдовски, некогаш дел од групата “Ариа”, а денес познат и успешен поп пеач кој има доста хитови позади себе. Нашата екипа се напи едно утринско кафе со Ристе и што тој кажа за нашата рубрика “На кафе со…” прочитајте во продолжение.

Музика24: Ти благодараме што ја прифати нашата покана за кафе. Кажи ни како си, како се чувствуваш во ова студено јануарско утро?

Ристе: Супер сум, иако обично во време на празници сум изморен од вечерните настапи.

Музика24: Дали по твоето будење вообичаено се расонуваш со кафе или…? И дали си зависник од утринско кафе?

Ристе: Не сум љубител на кафе и најчесто не го пијам во утринските часови. Немам некој посебен ритуал за расонување, знам да се разбудам и веднаш да излезам од дома или да го земам кларинетот и да почнам да свирам. Во последно време редовно ме расонува папагалот, тој ми е најдобар будилник.

Музика24: Дали практикуваш повеќе да пиеш кафе дома сам додека вежбаш или одмараш или тоа го правиш исклучиво во друштво на твоите најблиски или пријателите ?

Ристе: Многу ретко сам дома пијам кафе, најчесто пијам кафе во некоја кафетерија со пријатели.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за твоите обврски во текот на денот? До каде си на музички план? Работиш ли нешто во моментот?

Ристе: Работам постојано. Вежбам кларинет, имам неколку песни на кои работам и одам на часови по пеење кај професорот Србиновски. Немам некој стандарден тек на денот, секој ден е различен, но она што е заедничко за сите е секојдневното вежбање на кларинет и подготовките за постдипломски студии.

Музика24: Во песните најчесто пееш за љубовта, разочаран ли си од љубовта?

Ристе: Не сум разочаран воопшто од љубовта. Љубовта, музиката, тоа се работи кои некако природно одат заедно. Љубовта е најопеана, најзастапен мотив во сите видови на уметност и во животот воопшто. Веројатно затоа е и најзастапена во моите песни и ако добро приметувате во повеќето мои песни е опеана среќната љубов, вистинската љубов.

Музика24: Каков би бил светот според тебе, доколку во него нема музика?

Ристе: Не постои таква можност. Музиката и човештвото се во право – пропорционален однос.

Музика24: Кои се твоите планови во 2013 година ? Што е она што можеме да го очекуваме од тебе?

Ристе: Да запишам постдипломски студии по кларинет и конечно да го издадам долгоочекуваниот албум.

Музика24: За крај што ќе им порачаш на нашите читатели, воедно твои фанови и верна публика?

Ристе: Не би сакал да зборувам за мојата публика како за фанови, тоа некако ми е многу вообразен израз. Тие се мои подржувачи, другари, сограѓани, пријатели, комшии. Да слушаат македонска музика бидејќи се помалку се слуша во Македонија што е навистина жално со оглед на тоа дека Македонија до пред некое време беше пример за сите балкански држави, а денес се повеќе се слуша музика од нашите соседи.

Подготви: Ивана Поповска

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели