Премиера

Промоција на “Hip Hop Made in Macedonia” во Њујорк

Презентација на три книги, изложба на кавери на македонски артисти, проекција на документариот филм “Сложувалка”, настап во живо на групата “Клан Исток”, како и предавање за македонската урбана и хип-хоп култура од Славчо Ковилоски и Александар Ковилоски, се дел од проектот “Hip Hop Made in Macedonia” кој што денес беше претставен во Македонскиот културен центар (MC Gallery) во Њујорк, САД.

Целта на проектот, чија идеа се роди од тв емисијата “Хип-хоп магазин” што се прикажуваше на МРТВ пред неколку години, е да ја презентира хип-хоп културата во Македонија. Со проектот првпат во македонската музичка историја, македонскиот хип-хоп ќе може да се слушне во Њујорк, градот од каде потекнува оваа урбана култура.

На денешната промоција беа претставени книгите “Аспекти на македонската урбана култура (Хип-Хоп Македонија)”; “Хип-хоп книга” (2007) и “Хип- хоп речник (англиско-македонски)” (2008) кои се издадени во Mакедонија и се единствени на Балканот. Документариот филм “Сложувалка”, пак, е снимен 2015-та година, во продукција на екипата на “Хип Хоп Македонија”, во режија на Александар Ковилоски и е дел од проектот кој изворно го запознава поширокиот аудиториум со предизвиците, тешкиот пат и популарноста на хип хопот во Македонија. Учесници во документарецот се хип-хоп артистите: Ицко и VG (Чиста Околина), DJ Гоце (САФ), Против Сите и Green Out (Легијата), Профо и Човекот Екс (Клан Исток), Тигаз (ДНС), ПУКА Козметика, Хром (графити), Тец (Most Wanted/Ошав Прод.), Токсикологија (Токсиколози), Зад Аголот, Тони Зен, Слаткаристика, Авторизација, Дивизија, Титаниум, Стрес, Огнен beatbox. Филмот е добитник на меѓународна награда во Белград во 2016-та година и на домашните МАН во 2015-та.

Настапот во живо на групата “Клан Исток” е замислен како круна на овој амбициозен проект на екипата од “Хип Хоп Македонија”, донесен во Галеријата “ЕмСи” од кураторот Јане Теохаревски, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: