Фантастичен концерт на Крафтверк за отворањето на “Таксират 20”

Во прв ред

Фестивалот “Таксират” го отвори своето 20-то издание со фантастичен настап на живите легенди на светската музичка сцена Крафтверк, на кој околу 6000 посетители во арената “Борис Трајковски” присуствуваа на историски концерт, на првиот 3-D концерт во Македонија. Германските пионери на електронската музика одржаа беспрекорен концерт кој звучеше и изгледаше фасцинантно, со неверојатно прецизни и јасни звучни пејсажи кои цели два часа ја исполнуваа концертната арена. Прецизноста на Крафтверк имено се потврди и со почетокот на концертот, до минута точно во 20:30 часот, кој го започнаа со песната “Numbers”, а вечерта имавме прилика да ги чуеме култните хитови од сите албуми во нивната кариера, како “Computer World”, “Computer Love”, “Das Model”, “Neon Lights”, “Autobahn”, “Radioactivity”, “Tour De France”, “Trans Europe Express”, “Boing Boom Tschak”… и многу други.

Изведбата на секоја песна беше надополнета со 3-D анимации и видеа кои се прикажуваа на големиот, 12 метри широк, видео екран поставен зад бендот. Од овој, визуелниот дел од шоуто најголемо восхитување кај публиката предизвика видео-проекцијата за време на песната “Space Lab” во која беше прикажана и снимка од вселенски брод со бендот кој слета пред арената “Борис Трајковски” во Скопје и секако песната “The Robots” со која на сцената наместо членовите на бендот ги гледавме славните Kraftwerk “роботи” кои пак во 3-D анимацијата се чинеше дека се движат низ целата арена.

Восхитува фактот дека четворицата генијални музичари кои вчера застанаа на импозантната сцена во “Борис Трајковски”, приредија едно од најдобрите концертни шоуа кои сме ги виделе досега, а при тоа со сите движења на сцената сведени на апсолутен минимум во контекст на нивното концептуално претставување како “роботи”. Вечерта сите посетители во арената добиваа брендирани 3-D очила кои потоа ги зачуваа како сувенир од концертот, но со самото присуството на овој концерт сите понесовме нешто бесценето, сите зачувавме и станавме дел од уште еден музички исклучително несекојдневен настан кај нас, кој ќе се памети и раскажува уште многу долго.

Со концертот на Крафтверк, “Таксират” ја започна својата 20-та епизода. Оваа година, со одбележувањето на дведеценискиот јубилеј во Скопје не очекуваат уште многу концертни гостувања на значајни имиња од светската сцена, кои ќе се одвиваат во текот на целата година. Следен таков во низата настани со кои “Таксират” слави 20 години алтернатива во Македонија, е концертот на Лајбах на 27-ми март во Младински Културен Центар во Скопје.

Подготви: Редакција Музика24

Фото: Кире Галевски

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели