Gogol Bordello со голем концерт на “Таксират20” (Видео)

Во прв ред

Покрај веќе потврдените гостувања на Kraftwerk i Lord of the dance, “Таксират20” со задоволство го најавува и концертот на Gogol Bordello, славниот џипси-панк бенд и еден од најимпресивните live бендови на денешницата, кој на 29-ти мај гостува во Младински Културен Центар во Скопје, а во рамки на светската “Seekers and Finders” турнеја за истоимениот, нов албум.

Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, Gogol Bordello ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората. Предводникот на бендот, украинецот Јуџин Хуц бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не и припаѓа на “мејнстримот”, но со која е поврзан и од семејните корени. Живеејќи како бегалец во Европа, и самиот го искусил животот во кој не припаѓа никаде, се додека музичкиот пат не го одведе во Њујорк каде што го оформува бендот. Во 1999-та година го објавуваат првиот албум “Voi-La Intruder” кој го претставува ворлд-мјузик звукот отсвирен во полна панк брзина, а на кој како соработник и продуцент се потпишува и Џим Скалвунос тапанарот на Nick Cave & The Bad Seeds. Комплетниот бенд со гитари, тапани, хармоника и саксофон на ова издание звучи моќно, а за дополнителна популарност придонесе и самиот Хуц пуштајќи џипси музика во ноќните клубови. Подоцна нивната уникатност и креативност ја освојува и популарната музичка ѕвезда Мадона, која соработува со Gogol Bordello на нејзиното режисерско деби, филмот “Filth and Wisdom” во кој покрај музиката, Јуџин Хуц е задолжен и за главната улога.

Неповторливиот електричен бенд следната година гостува во Скопје промовирајќи го новиот албум “Seekers and Finders” објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник “Pura Vida Conspiracy” во 2013-та. Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Јуџин на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од глобалните суперѕвезди како Мадона, членовите на Gogol Bordello со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен. Gogol Bordello е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а следната година нивната нескротлива сценска енергија ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје.

“Таксират” следната година го прославува своето јубилејно 20-то издание, во чии рамки со концертот на Gogol Bordello македонската публика има загарантирана незаборавна вечер на 29-ти мај во МКЦ. Влезниците за овој концерт веќе се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс, и тоа по првата најповолна цена. И уште многу значајни настани ќе ја исполнат 20-ката на “Таксират” кои ќе бидат објавени наскоро. За 20 години алтернатива во Македонија: “Преврти го Скопје наопаку!”.

Подготви: Редакција Музика24

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели