Легендарните Kraftwerk со голем 3D концерт во Скопје (Видео)

Во прв ред

Германските пионери на електронската музика, легендарните Kraftwerk ќе настапат во Скопје со извонредното 3D шоу од нивната актуелна и исклучително успешна светска турнеја. Концертот на Kraftwerk во Скопје, како ексклузивен настан во организација на Таксират и Password Production, ќе се одржи на 27-ми февруари во Вип Арена “Борис Трајковски”.

Kraftwerk е една од највлијателните и најзначајните електронски групи во светот чие музичко наследство е легендарно и вонвременско. Како предводник на експерименталната сцена, со својата визија за иднината Kraftwerk ја создаде музичката подлога за дигиталната ера на 21-виот век. Музиката на Kraftwerk изврши огромно влијание врз цел спектар на музички жанрови: од електро до хип-хоп, од техно до синтпоп и не постои речиси ниту еден германски бенд кој толку често се наведува како извор на инспирација и авторитет за илјадници музичари. Поради пресудното влијание и применливоста на електрониката во музиката тие важат за бендот без кој модерната музика денес не би звучела исто.

Мулти-медијалниот проект Kraftwerk е оформен во 1970 година кога Ralf Hütter и Florian Schneider го уредуваат нивното култно електронско студио “Kling Klang” во Дизелдорф, Германија каде што се зачнати и продуцирани сите албуми на Kraftwerk. Нивната музика, многумина веднаш ја нарекоа авангардна, а тие уште со дебитантскиот албум “Kraftwerk I” ја наговестија револуцијата во современата музика. По некое време Kraftwerk почнува да функционира како квартет и до средината на 70-те години на минатиот век Kraftwerk достигна меѓународно признание за нивните револуционерни електронски звучни пејсажи и нивното музичко експериментирање со роботика и разни технички иновации. Меѓу останатите признанија за нивната работа, Ralf Hütter и неговиот поранешен партнер во 2014 година ја добија наградата Греми за животно дело.

За време на речиси 50 години постоење Kraftwerk објавуваат десет успешни студиски изданија, како и неколку компилациски и два live албум, од кои последниот “3-D The Catalogue” го објавија во мај годинава. Аудио и видео материјалите од ова издание ги сумираат бројните и значајни 3-D перформанси на бендот во најпрестижните музеи и концертни арени низ светските метрополи, кои ги одржаа од 2012-та до 2016-та година, а токму ова спектакуларно 3D остварување на Kraftwerk ќе имаме прилика да го погледнеме во живо на концертот во Скопје. Спојувајќи ги музиката и перформативната уметност, 3-D концертите на Kraftwerk претставуваат вистински “Gesamtkunstwerk” – тотално уметничко дело кое ја открива сложеноста на односот помеѓу човекот и машините.

Подготви: Марија Поповска

Коментари

коментари

За Нас

Се надеваме и веруваме, дека ќе бидеме дел од Вашето секојдневие, дека Музика24 ќе биде Ваш 24 часовен ритуал за добра, квалитетна, навремена и интересна музичка информација. Продолжете да уживате... Музика24 работи 24/7

Пријатели