Во прв ред

Легендарните “The Chick Corea Elektric Band” со голем концерт во Скопје

На 2-ри јули во Метрополис арената во Скопје со почеток од 21 часот ќе гостува и воедно ќе одржи голем концерт легендарниот џез состав “The Chick Corea Elektric Band”, во рамките на нивната светска, ексклузивна турнеја во организација на “Спектакулум”. Како што велат организаторите, ова е едно од оние случувања кое што градот долго ќе го памети.

Станува збор за едно од најголемите живи имиња во сферата на џез-музиката, кое изврши силно влијание врз развојот на овој уметнички жанр. Славниот пијанист и композитор Чик Корија гостуваше во Скопје, во рамките на Скопскиот џез-фестивал во 2009-та година со проектот “Ритрн ту форевер” со Стенли Кларк на бас и тапанарот Лени Вајт, но сега доаѓа со бендот со кој што создаде вистинска духовна, уметничка револуција – Dave Weckl на тапани, John Patitucci на бас, Eric Marienthal на саксафон и Frank Gambale на гитара.

На вчерашната прес-конференција по повод концертот на ѕвездите “The Chick Corea Elektric Band”, присуствуваа музикологот Тина Иванова и сопственикот на радиото Џез ФМ, Ален Хаџи Стефанов.

“Македонската публика ќе има навистина ретка можност да присуствува на концерт каде на иста сцена ќе застанат музички магови кои заедно, но и секој засебно, оставија силен печат на светската музичка мапа”, рече Иванова.

“The Chick Corea Elektric Band” токму во ваков состав, го издадоа нивниот истоимен деби албум во 1985-та година во кој се соединуваат џезот, рок-музиката, латино-музиката, фанкот. Албум кој и тогаш, а и денес сеуште звучи прогресивно, иновативно, авангардно, издание кое изврши огромно вијание не само врз понатамошниот развој на џезот, туку и врз хип-хопот и електронската музика. Иако е веќе познато, Чик Корија е еден од музичките уметници кој поседува култен статус поради неговата автентична уметничка појава, поради храброста да ги разбие веќе постоечките жанрови и да внесе свеж здив. Познатиот пијанист се наоѓа во “Холот на славните” и е едно од оние имиња со најмногу номинации во историјата на “Греми” наградите, дури 63 номинации и 22 освоени признанија. Неговото творештво е обемно и тој постојано игра со т.н. дефинирани правци како авангардата, би-бапот, џез-рок фјужн, па дури и до симфониска музика.

“Ми се допадна една изјава дека “The Chick Corea Elektric Band” се појавиле во 86 година како гром од ведро небо. Нивната музика е мошне специфична. Се работи за луѓе кои што создаваат магија на сцената”, рече Хаџи Стефанов. “The Chick Corea Elektric Band” се појавија во вистинско време, кога компакт дискот беше нов формат. Додека живеев во Њујорк имав можност одблиску да се запознаам со нивната музика и со се она што околу нив се случуваше. И со вој проект, Чик Корија успеа да се измисли самиот себе си по не знам кој пат. А, тоа само тој може да го направи. А, музичката индустрија тоа добро го искористи”, додаде Хаџи Стефанов.

Влезниците за концертот на легендарниот џез-состав се веќе во продажба преку продажната мрежа на kupikartizase, а цените за истите се движат од 990 до 3.000 денари во зависност од местоположбата. Она што за овој концерт е исто така значајно, е што ќе се реализира со сосема нова звучна опрема.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: