Во прв ред

Со концерт на Жељко Јоксимовиќ, Македонска Каменица ќе урива рекорди

Општина Македонска Каменица интензивно се подготвува за најголемата културна манифестација во Источна Македонија, “Каменичко Културно Лето”. Годинава, манифестацијата ќе трае пет дена, од 25-ти до 29-ти август и ќе се оддржува на Градскиот плоштад во Македонска Каменица. Низа културни настани се дел од програмата која е во финална фаза на подготовка. Покрај концерт на класична музика, настапи на познати фолклорни ансамбли од Македонија, Бугарија и Србија, потврдени се и настапите на неколку популарни македонски и балкански изведувачи и бендови. Концерт во Македонска Каменица ќе има деветчлениот српски состав МВП, кои со нивните мегапопуларни хитови “Целу ноч и цели дан”, “Идемо горе”, “Волим кад те волим”… ветуваат добра забава и вистинско доживување за публиката.

На централната вечер, на 28-ми август – Денот на Општината и денот на рударите ќе настапи феноменалниот Жељко Јоксимовиќ. И повеќе од сигурно е дека неговите хитови ќе придонесат за едно незаборавно искуство, позитивна и разиграна енергија и исклучителна забава. Рударска Македонска Каменица е подготвена да пречека повеќе од 30 000 гости и се надева дека ова, шесто издание на Каменичко Културно Лето ќе ги урне сите досегашни рекорди по број на посетители.

Манифестацијата е во организација на Општина Македонска Каменица и Културно-информативниот центар “Романса”, а генерален покровител е Рудникот “Саса”. Дел од настаните се поддржани и од Министерството за култура на Република Македонија. Специјализираниот македонски музички портал Музика24 оваа година е еден од медиумските покровители на овој голем музичко-забавен настан.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: