Во прв ред

OFF-Fest годинава со исклучително богата и силна програма

Програмата на дванаесеттото издание на OFF-Fest носи шест богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат значајни музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Годинешното издание на OFF-Fest, што ќе се одржи од 1 до 6-ти јуни во Скопје, ќе го отвори популарната индиска ситаристка Anoushka Shankar и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект “Traveller”, со кој ја стекна номинацијата за наградата Греми и титулата Најдобар музичар на магазинот “Сонглајнс”. Втората фестивалска вечер скопските музички зависници ќе имаат прилика првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на турското Taksim Trio, а истата вечер ќе настапи и нашата гордост, тандемот Елена Христова и Горан Трајкоски со својот проект “Bioscopia”.

На 4-ти јуни ќе го видиме првиот состав од Словенија на OFF-Fest. Станува збор за бендот Brina, предводен од извонредно талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник. Најжешката вечер е, без сомнение, претпоследната (5-ти јуни), резервирана за “колумбиските Buena Vista SocialClub” – експлозивните Ondatropica, како и неверојатно моќната и хипнотичка мароканско-сенегалска комбинација Aziz Sahmaoui & University of Gnawa. OFF-Fest 2013 ќе финишира на 6-ти јуни, со инспиративниот аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката Kimmo Pohjonen и со концертот на фасцинантните јужнокореански инструменталисти Tori Ensemble.

Off-Fest Kimmo PohjonenВо рамките на OFF-Fest, на 3 јуни, ќе биде прикажан документарниот филм за Kimmo Pohjonen – “Soundbreaker”, а една вечер подоцна со свој ди-џеј сет ќе се претстави Quantic, во придружба на Frente Cumbiero, заедно познати под името Ondatropica Sound System. Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет и Кино Фросина.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: