Во прв ред

Пуштени во продажба влезниците за “OFFest 2015” (Фото)

Во продажба се пуштени влезниците за четиринаесеттото издание на “OFF-Fest”, што оваа година ќе се одржи од 28-ми мај до 1-ви јуни. Цената на билетот за концертот на јужнокорејските пост-рокери Jambinai и маестралните Bassekou Kouyate & Ngoni Ba од Мали, кои ќе го отворат фестивалот на 28-ми мај, ќе чини 500 денари. Билетот за концертот на легендарниот блуз гитарист Бубакар Траоре (петок, 29-ти мај) се продава по цена од 400 денари.

Посетителите ќе уживаат во магијата на португалската поетеса на фадото Лула Пена и во изведбата на популарната мароканска кантавторка Хинди Зара за 700 денари. За концертот на македонскиот бенд Chalgia Sound System што ќе се одржи на 31-ви мај посетителите ќе платат 200 денари. Влезницата за сензационалната фестивалската завршница на 1-ви јуни – концертот на виртуозните пустински бунтовници Tinariwen се продава по цена од 700 денари. Комплетот билети за сите пет концертни вечери се продава по цена од 1900 денари. Фестивалот оваа година се одржува во Младинскиот културен центар.

OFFest2015_posterВо рамките на “OFFest 2015” ќе бидат прикажани и музичките документарци “Ќе пејам за тебе” (“Je chanterai pour toi”) и “Последната песна пред војната” (“The Last Song Before the War”), чии што проекции во Кино Фросина на 29-ти мај, односно 1-ви јуни ќе бидат бесплатени за посетителите. Со оглед на капацитетот на салите во Младинскиот културен центар, бројот на билетите е строго ограничен. Влезниците за годинешниот “OFFest” може да се набават во Југотон Рекордс и Младинскиот културен центар, како и онлајн на www.mktickets.mk.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: