Во прв ред

“Рибја чорба” на седмото издание на “JoyFest” во Крива Паланка

На седмото издание на музичкиот фетивал “JoyFest” во Крива Паланка кое ќе се одржи на 25-ти август ќе настапи српскиот рок-состав “Рибја чорба”. Фестивалската програма на “JoyFest” ќе започне во 20 часот и 30 минути, а настанот ќе се одржи на централниот градски плоштад во Крива Паланка. Уметничкиот директор на фестивалот, Александар Михајловски, најави уште едно незаборавно дружење, позитивна атмосфера и добра забава.

“Ова е седмо издание на фестивалот кој најпрвин ја застапува македонската музика, со надополнување на програма со странски изведувачи. Досега за седум години настапиле четири странски изведувачи, а над триесетина македонски артисти. И годинава, пред настапот на “Рибја чорба” предгрупа се Фиц – “Студени нозе”, “Трансформерс бенд” и локалниот кривопаланечки бенд “РГБ”, изјави Михајловски. Тој рече, дека како и изминатите години, и годинава очекуваат голема посетеност и бројна публика од соседството и регионот.

“На “JoyFest” секоја година има голем број посетители, љубители на добра музика, а очекуваме така да биде и годинава. Имаме обезбедено доволен број паркинг места, а фестивалот е од отворен карактер и се одржува на градскиот плоштад, така што, сите кои се заинтересирани за добра музика и забава, се добредојдени. Се што треба да понесат е добро расположение и добра волја. Крива Паланка секогаш била добар домаќин, таква атмосфера ветуваме и овој пат”, додаде Уметничкиот директор Михајловски.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, посочи дека се е подготвено за претстојните фестивалски денови во градот, а во соработка со надлежните служби ќе биде воведен и посебен сообраќаен режим.

“Оваа година со одлука на седница на Советот сите локации – јавни површини во близина на плоштадот, достапни за угостители и продажба, беа отстапени на користење бесплатно. Деновиве се уредуваат интензивно и дел од јавните површини во градот за што подобро претставување на општината, со цел привелкување што поголем број туристи и публика и подобро претставување на општината” изјави градоначалникот Мицевски.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: