Во прв ред

Во четврток започнува интернационалниот Прилеп Џез Викенд (Фото)

На големо задоволство на прилепските љубители на најслободната музичка форма и воопшто на урбаното живеење, последните денови од месец август односно 28-ми, 29-ти и 30-ти во Прилеп се организира Џез Викенд, манифестација која нуди богата програма со настап на повеќе изведувачи од европските простори. 

Овај фестивал за прв пат се одржа во 2012 година и уште веднаш се виде дека ентузијазмот е заеднички, како на публиката, така и на организаторите и учесниците на истиот. Прилепскиот Џез викенд кој е во организација на одделението за култура при локалната самоуправа ќе го презентира музичкото творештво од светски џез размери пред прилепската публика со основна идеја за поинаков урбан Прилеп и заложби за следење на вистинските вредности и културни содржини.

Prilep Jazz Vikend_posterФестивалот во четвртокот ќе го отвори бендот Aqustico од Италија, Luca Aquino на труба и Carmine Ioanna на хармоника, а вечерта ќе продолжи со FlyWe2The Moon состав од Бугарија, предводен од одличниот трубач Росен Захариев. На 29-ти август петокот настапуваат SARHAN – комбинација од Словенија, Индија и Хрватска, чија музика е посебен фјужн на индијска традиционална музика и џез рок и бендот NAKED од Србија.

Додека пак, последната трета вечер е резервирана за Next to Silence, чии членови се дел од повеќе македонски бендови, за Rambo Amadeus & Two Winetous – кој е еден од најоргиналните и најценети автори и перформери на Балканот, вешто пратен од виртуозите Игор Малешевиќ на тапани и Мирослав Товирац на бас. Нивниот звукот на музицирање најкратко може да се опише како „Шлаг на 21 век“ . Едни од ѕвездите на настанот ќе бидат и популарните Дисциплина кичме од Србија со легендарниот Душан Којиќ – Која, кои ќе го затворат овогодинешниот фестивал.

Место на случување е летната сцена од Центарот за култура Марко Цепенков, влезот е бесплатен, а фестивалските вечери започнуваат од 20.00 часот. Градоначалникот Ристески ги покани сите вљубници во џез музиката да бидат дел од ова културно прилепско лето и воедно им се заблагодари на сите општествено одговорни компании кои застанаа зад фестивалот, како и на медиумите за нивната безрезервна поддршка.

Специјализираниот македонски музички портал годинава е еден од медиумските покровители на овој настан.

Подготви: Синиша Новевски

Можеби ќе ве интересира: