Во прв ред

ЗАПОЧНУВА ФЕСТИВАЛОТ “БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД 2017“

Култниот сараевски рок бенд “Забрањено пушење” и  македонските реге предводници “Conquering Lion се главните звезди на фестивалот “Битола Отворен град 2017 кој ќе се одржи од 27 до 30 јуни во Битола, во организација на Младинскиот културен центар-Битола. Публиката ќе го проследи настапот на двете групи под отворено небо на Широк сокак во среда на 28 јуни, со почеток во 21 часот во рамките на главниот музички хепенинг на фестивалот.

 “Забрањено пушење” премиерно доаѓаат во Битола, со што публиката ќе ужива во енергијата на бендот кој во моментов се подготвува за настап на најголемиот регионален фестивал, новосадскиот “Егзит” на 8 јули. Во пресрет на тоа бендот најави дека се ќе ечи од рокенрол. Оттука, Битола ќе биде претходница и подготовка за големиот настап на “Забрањено пушење” на “Егзит”, кои својата експлозивна музичка енергија прво ќе ја емитуваат во Битола, а дури потоа на “Егзит”. Бендот е формиран во 1980 година од неколку сараевски гимназијалци, чиј прв албум е продаден во 100.000 примероци. Во 1984 година, групата тргна на голема балканска турнеја по што прерасна во еден од најголемите бендови на Балканот. Со 9 студиски албуми и со експлозивни настапи “Забрањено пушење” е бенд кој мора да се види во живо.

 Пред публиката во Битола ќе настапи и македонскиот реге бенд “Conquering Lion” кој годинава одбележува една деценија успешно егзистирање на музичката сцена, при што стекнаа голема популарност и низ Европа. Досега имаат настапувано со големи реге имиња како “Gentleman”, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote и други. Во Битола ќе биде претставен нивниот најнов студиски албум “Land of confusion”, кој содржи песни во комбинација на реге, њу рутс и даб.

Дел од фестивалот “Битола отворен град 2017” е и јавната дискусија на 27 јуни во 19.00 часот во МКЦ на тема „Како до квалитетна публика?“. Оваа јавна дискусија ја третира темата Развој на публика. Дискусијата ќе се темели на документот ”Audience is Watching You – Challenges to Audience Development by Independent Cultural Organizations in Bosnia and Herzegovina, Macedonia and Serbia”, кој покрај заклучоци од серија јавни дискусии, содржи и препораки за донаторите и креаторите на политики, за истражувачите, образовните институции, граѓанските организации и културните работници.

 На 29 јуни кај Саат кулата во Битола во 18.00 часот ќе се одржи работилница за модна илустрација, додека во 21.30 часот пред кафе барот “Instinct” ќе се одржи Моден перформанс поддржан од ДЈ сет  – повеќе нијанси на електронска музика и електричен развој со акцент на електроклеш. Програмата на овој ден е авторство на мултимедијалниата артистка, модна дизајнерка и продуцентка Мелани Дигит.

 На 30 јуни кај Саат кулата во Битола во 22.00 часот ќе настапат прогресив/кор метал бендот “Spectrum” и “Gargoyles” -бендот кој свири мешавина на sludge и blackened thrash метал.

Можеби ќе ве интересира: