Културо

Концерти „Млади виртуози“ во Скопје, Крива Паланка и Струмица

Серија концерти на млади таленти ќе се одржат во три града, а во рамките на проектот „Млади виртуози“. Ќе настапат пијанистката Инес Неделковска и виолинистот Каи Орлинов од Бугарија. Концертите ќе бидат реализирани со поддршка на Делегацијата на Европска Унија Скопје преку проектот „ЕУсоТЕБЕ“ и Europe House заедно со Министерството за култура.

Во рамки на проектот ќе бидат реализирани три концерти и тоа:
– 29 мај во Скопје (Пијано Центар – НОБ), почеток во 19 часот;
– 30 маj во Крива Паланка (Europe Нouse), почеток во 13 часот;
– 2 јуни во Струмица (ООУ “Боро Џони”), почеток во 18 часот.

На програмата ќе бидат дела од Ф. Креислер, Х. Вјењавски, К. Сен-Санс, В.А. Моцарт, Ф. Лист, А. Скрјабин, Ј. Брамс, Чајковски/Плетњев. По концертот во Струмица, во просториите на Europe House, во 19 часот, младите од Струмица и регионот ќе имаат уникатна можност да поразговараат со младата пијанистка Инес Неделковска и изворно да слушнат за богатото искуство на нивни соврсник “најтрофејното дете”.

Инес Неделковска (18) е млада македонска пијанистка од класата на проф. Нина Костова. Домашната критиката ја нарече “најтрофејното дете” во Македонија. Таа е добитник на први награди на повеќе од 20 интернационални натпревари ширум светот (Монте Карло, Италија, САД, Франција, Велика Британија, Германија, Шпанија, Јапонија, Швајцарија, Португалија, Казакстан, Русија и др). Како победник на овие натпревари, Инес добива можност да настапува во најистакнатите светски концертни сали, како што се: Карнеги Хол и Кауфман Центарот во Њујорк, Ројал Алберт Хол во Лондон, Театарот Росини во Италија, Филхармонијата во Париз, во Москва, Новосибирск, Монте Карло и многу други. За Инес е особена чест тоа што за прв пат ќе има можност да настапи на концерт кој е дел од програмата „ЕУсоТЕБЕ“. Задоволство и е што ќе настапи заедно со младиот виолинист од Бугарија Каи Орлинов кој што доаѓа од земја членка на ЕУ. Она што е заедничко за двајцата е тоа што тие со своите 18 години преку реализирање на концерти и натпревари во многу европски центри, се веќе одамна дел од европската сцена.

Виолинистот Каи Орлинов од класата на проф Благородна Танева е победник на повеќе натпревари за виолина во Бугарија, Грција, Србија, Казакстан. Настапувал солистички и со оркестар во Софија, Виена, Атина, Брисел и др. Тој го изразува своето задоволство што за прв пат ќе настапи во Северна Македонија и со голема радост ќе ги изведе делата од Ф. Креислер, Х. Вјењавски, К.Сен-Санс.

Можеби ќе ве интересира: