Културо

По две децении Македонската филхармонија добива шеф –диргент

Македонската филхармонија на Република Македонија после 20-тина години добива шеф-диригент.

“Последниве години бевме во потрага по шеф –диригент, неизмерно сме задоволни што успеавме со маестро Бебешелеа да постигнеме договор за соработка која ќе трае две години, како и договор за спонзорско партнерство со НЛБ Банка и Мастеркард”, вели директорот Виктор Илиески

Новата сезона на Македонската филхармонија почнува в четврток (20 часот) со концерт симболично насловен “Музика на два метри” на кој ќе прозвучи антологиското дело за два гласа и оркестар “Песни за земјата” од Густав Малер. Како солисти ќе настапат тенорот Корби Велч (САД) и мецосопранистката Хајке Веселс (Германија). Диригент е Габриел Бебешелеа од Романија, новиот шеф диригент на Филхармонија.

“Исклучително сме среќни што по неколкумесечна пауза повторно се враќаме на сцена. Почетокот на сезона беше навистина тежок, но откако ги изработивме протоколите за заштита можеме конечно да почнеме, во строгоконтролирани услови кои ќе обезбедат заштита и на музичарите и на публиката. Како што веќе ве информиравме ќе се продава 30 отсто од капацитетот на големата сала или околу 300 билети“, вели директорот Виктор Илиески.

Целокупната програма во новата сезона е изработена во согласност со параметрите за заштита и вклучува дела кои може да се изведат со помал состав.

“Избравме дела кои може да се изведат со помали состави, за да има простор за дистанца на сцена. Дел од концертите се проекти кои требаше да се реализираат минатата сезона – Концертот со Јерухам Шаровски и Даниеле Акта, настапите на Дмитри Маслеев, Миша Бругергосман, Шерон Ковакс… Во новата сезона ќе настапат исклучителни солисти како руската виолончелиститка Анастасија Кобекина, виолистот Тимоти Рајдаут, виолинистот Филип Квинт и други уметници кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена”, додава Илиески.

Оркестарот во новата концертна сезона ќе го водат диригентите Антони Вит, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Кристијан Рајф итн.

“Поголем дел од концертите ќе ги води и нашиот нов шеф диригент Габриел Бебешелеа. Тоа што Филхармонија по две децении повторно добива шеф – диригент е исклучително важно за нашата институција. Претходно шефови диригенти биле Ванчо Чавдарски, Тадеуш Козловски, Андреј Андреев, Леонид Николаев. Значаен е и придонесот на Борјан Цанев кој до лани, пред да замине на ФМУ беше матичен диригент на Филхармонија. Секој од нив оставил трага во развојот на оркестарот, но и во креирањето на програмскиот концепт на иституција. Последниве години бевме во потрага по шеф –диригент, неизмерно сме задоволни што успеавме со маестро Бебешелеа да постигнеме договор за соработка која ќе трае две години. Улогата на шефот диригент за секој оркестар и институција е многу важна, бидејќи тој игра голема улога во креирањето на програмската политика, согласно капацитетот на оркестарот и секако во подигањето на квалитетот и звукот во оркестарот”, нагласи директорот на Филхармонија.

“Имав можност да работам со орекстарот на Филхармонија и она што ме импресионираше е желбата на овој оркестар да свири добро. Имавме големи планови за програмата, но тие делумно пропаднаа поради пандемијата со Ковид-19. На отворање свириме исклучително дело “Песни за земјата” кое одлично кореспондира со целокупната ситуација”, вели маетро Бебешелеа.

Габриел Бебешелеа

На тенорот Корби Велч и мецосопранистката Хајке Веселс кои ќе настапат на концертот во четврток ова им е прв настап по шест месеци.

“Песни за земјата” е исклучително дело, посебно последниот став кој претставува победа на смртта. Станува збор за фантастично дело и одличен избор за почеток на сезона во вакви услови”, велат двајцата солисти.

Можеби ќе ве интересира: