Културо

Започна неделата на македонскиот филм во Софија

Со проекција на “Исцелител” на режисерот Ѓорче Ставрески во кинотечната сала “Одеон” на Бугарската националната филмотека синоќа започна Неделата на македонскиот филм во Софија.

“Полната сала на “Одеон”, култно кино меѓу бугарските филмофили и автори, со аплаузи го пропратија филмот и гостите од филмската екипа на “Исцелител”, актерот Аксел Мехмед и кинематограферот Дејан Димески”, велат од Кинотеката на Македонија.

Неделата на македонскиот филм во Софија е прво претставување на современата македонска кинематографија пред гледачите во Софија по подолго време и е реализирана благодарејќи на соработката на Бугарската националната филмотека, Кинотеката на Македонија и Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. На присутните пред проекцијата им се обрати и македонскиот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.

Неделата на македонскиот филм во Софија ќе трае до 27-ми јануари, а вечерва во 18 часот продолжува со проекција на “Кога денот немаше име” на Теона Стругар Митевска. На 23-ти јануари, со почеток од 18 часот, ќе се прикажат краткометражните филмови “Еклер” на Марко Ѓоковиќ, “Долорес” на Радован Петровиќ, “Види ја ти неа” на Горан Столевски и “Децата ќе дојдат” на Ана Јакимска. На 24-ти јануари, со почеток од 18 часот, ќе следи вториот блок краткометражни филмови: “Пепи и Муто” на Георги Унковски, “Амби” на Марија Апчевска, “Тие дојдоа од центарот на светот” на Дина Дума и “Коливо” на Андреј Волкашин. На 25-ти јануари од 18 часот ќе се прикажува филмот “Враќање” на Кастриот Абдули. На 26-ти јануари од 17 часот е филмот “Џган”, а на 27-ми јануари од 17 часот, на затворањето на Неделата на македонскиот филм во Софија ќе биде прикажан филмот “Џипси меџик” на Столе Попов.

Можеби ќе ве интересира: