Балетската претстава “Дон Кихот” на 6-ти декември на сцената на МОБ

Како што известуваат нашите соработници од Македонската опера и балет, на 6-ти декември ќе биде изведена балетската претстава “Дон Кихот” од Лудвиг Минкус на големата сцена на МОБ. Кореограф на оваа украинско-македонска копродукција е Виктор Јаременко, уметничкиот директор на еден од трите најпознати балетски ансамбли во светот – Балетот во Киев, сценограф е Андреј Злобин, додека под костимографијата се потпишува Гана Ипатиева. Оркестарот од пултот ќе го води диригентката Бисера Чадловска.

Волшебна приказна за ветерници, “совршената” жена, вистинската љубов и сето она помеѓу. Балетско дело поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатиот Don Q pass de deux, кој дава акцент на целата претстава.

Во главните улоги настапуваат: Китри: Марија Кичевска Шокаровска, Базил: Васил Чичијашвили (Грузија), Еспандо: Игор Веланоски, Мерцедес: Наташа Јосифовска, Улична: Ивана Коцевска, Дон Кихот: Александар Петковски и Санчо Панса: Лора Тарчуговска.

Учестува и Балетскиот ансамбл и оркестарот на Македонската опера и балет, а учествуваат и деца од балетскиот оддел на нижо и средно балетско образование при ДМБУЦ “Илија Николовски Луј”.

Чешкиот композитор и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот “Дон Кихот” и денес се изведувани низ целиот свет. “Дон Кихот” е балет во три чина базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес. Во него Минкус се покажува како одличен балетски мајстор и познавач на танцовиот стил. Во музиката, полна со мелодичност, силен ритмички пулс и чисти хармонски структури тој јасно го одразува духот на своето време.

Повеќе на Музика24...

Остави коментар

Вашата маил адреса нема да биде објавена.