Балетската претстава “Оревокршачка” со две изведби во МОБ

Македонска опера и балет Ви ја најавува балетската претстава “Оревокршачка”, овој пат со две изведби и тоа во среда 30-ти јануари и сабота 2-ри февруари со почеток во 20 часот. Станува збор за детска бајка чиј автор Т.А.Хофман дејствието го поврзал со празнувањето на големите празници. Врз основа на бајката, Мариус Петипа го пишува либретото, а музиката ја компонирала Петар Илич Чајковски.

Ова е едно од најпопуларните и најизведувани дела, на сите светски сцени. Македонската опера и балет се надева и ја очекува и најмладата публика, иако претставата е приемчива и за останатите возрасти.

Овој балет е ултимативна Новогодишно – Божиќна бајка. Мириса на снег, карамела и на цимет. Обоен е со црвено, златно и со бело. Веројатно затоа на публиката никогаш не и е доста од “Оревокршачка” пред и после Нова година, секоја година.

Во улогата на Клара настапуваат: Марија Кичевска Шокаровска (30-ти јануари) и Мими Поп Алексова Атанасовска (2-ри февруари), Принц е Бобан Ковачевски, Мала Клара е Бојана Арсовска, истакнати солисти, солисти, целиот балетски ансамбл и ученици од ДМБУЦ – балетски оддел, придружени од оркестарот на Македонска опера и балет. Диригент на “Оревокршачка” е Бисера Чадловска.

Повеќе на Музика24...