Центарот за култура – Битола го најавува јубилејот 50 години од фестивалот “Илинденски денови” (Фото)

Центарот за култура – Битола сподели со јавноста она што го работеше во изминатиов карантински период. Од таму најавуваат достојно одбележување на големиот јубилеј на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”. Јубилејното издание ќе се одржи неколку дена пред традиционалниот датум и тоа од 22-ри до 29-ти јули.

“Во изминатите 50 години фестивалот се запишал во мемоарите на битолчани со своето дефиле, фестивалски вечери, концерти, работилници, семинар и гости од целиот свет. Оваа година, гостите кои ќе го претвореа нашиот град во шарена фолклорна разгледница ќе ги гледаме во делот на онлajн фестивал, кој го подготвуваме во соработка со Интернационалниот совет на фолклорни фестивали ЦИОФФ”, вели Маја Андоновска-Илијевски, директор на Центарот за култура – Битола.

По сите протоколи и со сите заштитни мерки, оваа година фестивалот ќе реализираат и 4 изложби во Центарот за култура во Битола, во Магазата и салата за изложби во Завод и Музеј Битола. Исто така ќе се одржат саем на книга инспириран од фолклорни мотиви во пишаниот збор, етно филмови на отворено, стручно научен собир на тема: “Академски такт за фолклорот и етнологијата”, како и семинар кој истотака ќе биде онлајн. Во програмата ќе има активности и за најмладите за кои е предвидена детска ликовна работилница – онлајн.

Како и секоја година концертите привлекуваат големо внимание и интерес, оваа година ќе има 4 концертни вокално-инструментални вечери на отворено во Пациото на Завод и Музеј Битола.

“Новото време и ситуацијата со Ковид-19 ги погоди и фолклорните друштва од нашата земја, но и цел свет, а ние со симболичното одбележување на овој голем фестивал, го правиме тоа и во нивна чест. Бидејќи 50 години е токму тоа чест, визија, посветеност, аманет и љубов“, додава Андоновска-Илијевски.

Повеќе на Музика24...