Детскиот бродвејски мјузикл “Ени Јуниор” ќе гостува во Битола (Фото)

Првиот лиценциран бродвејски мјузикл за деца и младинци “Ени Јуниор” ќе гостува во Битола. Гостувањето е во склоп 9-то издание на Интернационалниот детски театарски фестивал “Битолино”. Мјузиклот ќе се одигра на 6-ти октомври со почеток во 17 часот во НУ “Центар за култура” – Битола. Влезот е слободен.

Се работи за проект на Здружението за инклузивно и неформално образование “Крео-Аксис”, што се спроведе под водство на Наташа Лалчевска, музички педагог и хорски диргент. Учесниците во мјузиклот се на возраст од осум до шеснаесет години, а главните улоги ги толкуваат Неда Димкова како Ени, Магдалена Алексовска како г-ца Хениген, Лара Иванова како Грејс Фарел и Симеон Коруноски како Оливер Ворбакс.

“Приказната за Ени се случува во триесетите години во Њујорк, за време на големата економска криза, позната како Големата Депресија. Уште како бебе, родителите ја оставиле Ени пред портите на сиропиталиштето со писмо во кое и ветуваат дека еден ден ќе се вратат по неа. Тешкиот живот на сирачињата во домот дополнително им го загрозува строгата воспитувачка г-ца Хениген. Но, шармантната и досетлива Ени ќе успее да си најде свој дом во семејството на милијардерот Оливер Ворбакс”, ја раскажа Лалческа приказната од мјузиклот.

Мјузиклот “Ени Јуниор” е инспириран од популарниот стрип на Харолд Греј – “Малото сираче Ени”, а на сцената во Бродвеј е изведен над 2.000 илјади пати.

Подготви: Филип Етмишовски

Повеќе на Музика24...