Европски филмови во дворот на Кинотека на Македонија (Фото)

Од вчера вечер до 13-ти јули Кинотеката на Македонија ќе прикажува современи европски филмови на отворено. Четиридневната летна кинопрограма ќе се емитува во дворот на Кинотеката. Вчера вечер присутните имаа можност да го погледнат филмот “Господ постои, името и е Петрунија” во режија на Теона Стругар Митевска, кој ја доби престижната награда “Лукс” (LUX Prize) за најдобар европски филм за 2019 година.

Вечерва (11-ти јули) ќе биде прикажана комедијата “Гостин” – копродукција на Италија, Швајцарија и Франција, утре 12-ти јули – австриската драма “Земјата под моите нозе”, а на 13-ти јули – швајцарско-италијанската романса “Сонот на Катрина”.

Почетокот на проекциите е во 21 часот, а цената на влезниците е 100 денари. Целата програма со повеќе информации за филмовите е објавена на официјалната фејсбук-страница на настанот.

Општина Карпош, која е меѓу коорганизаторите на летната кинопрограма, ги информира жителите од зградите околу Кинотеката дека ќе биде изгаснато уличното осветлување на дел од улицата “Никола Русински” за време на кинопроекциите. Посетителите ќе треба да се придржуваат до препораките за заштита од Covid-19: носење заштитна маска, физичко растојание за време на проекцијата, задолжителна дезинфикација на рацете при влез во дворот и објектот на Кинотеката. Забрането е внесување пијалаци.

“Првиот викенд ќе го одбележи “Европскиот филмски предизвик” (European Film Challenge) – иновативна дигитална платформа која ја промовира европската кинематографија. Секој од посетителите на овој настан може да биде дел од предизвикот со регистрација на https://europeanfilmchallenge.eu/ каде на својот профил може да ги забележи гледаните филмови, но и да сподели моменти (фотографија, видео) на социјалните мрежи користејќи го хаштагот #EuropeanFilmChallenge”, соопштија од Општина Карпош.

Повеќе на Музика24...