Купете ја книгата “Карантински приказни”, цел приход оди за подршка на Клинички центар – Скопје

Издавачкиот центар “Три” соопшти дека оваа недела книгата “Карантински приказни” ќе стигне до читателите во две различни изданија: во печатена форма кое, како што наведува издавачот – ќе биде гласник на хуманоста и во кое се собрани расказите на докажаните авторски имиња: Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Петар Андоновски, Ѕвездан Георгиевски, Лидија Димковска, Трајче Кацаров, Наташа Сарџоска, Виолета Танчева-Златева и други.

Над 200 “карантински” текстови стигнале на адресата на Издавачки центар “Три” кој на крајот на март го распиша конкурсот т.е. Пишувачкиот предизвик “Карантински приказни”. Текстови до “Три” пратиле голем број љубители на пишаниот збор, но и докажани автори, поттикнати да учествуваат во создавањето антологија од раскази настанати и инспирирани од карантинот.

Оваа книга ќе може да се најде на сите продажни места на “Три” по симболична цена, а целиот износ од продажбата ќе биде дониран за здравствена опрема на Клиничкиот центар во Скопје.

“Така, “Три” и авторите на свој начин ќе придонесат во борбата со пандемијата и за подобрување на условите во македонското здравство. Одлуката за овој потег произлегува од желбата да се биде солидарен со колективната состојба, преку ваквиот пионерски чекор во издаваштвото”, соопшти Издавачкиот центар “Три”.

Повеќе на Музика24...