Македонската филхармонија ќе издава цедиња од концерти

Од првиот концерт во новиот објект во октомври 2017-та, Филхармонијата редовно прави звучни снимки од сите концертни настани. Со новата зграда и опремата што ја има од пред една и пол година, проработи и аудиопродукција за која порано беше задолжена Македонската радио-телевизија.Од наредната година Филхармонијата планира да издава и цедиња од неколку концерти во сезона. Амбициите понатаму се да прави и видеоснимки од концертите односно целосна продукција, бидејќи продуцираниот звук сега и го дава на МРТ која го лепи на нивно видео.

Во студиото со многу вредна техника за тонско снимање и за озвучување на концертите, целиот систем е дигитален и мрежно врзан. Располага со сериозни брендови и стандарди за снимање – микрофони Neumann и AKG, озвучување JBL Vertec дигитална опрема од англискиот DIGICo, снимач со конвертори на Prism Sound, студиски монитори Genelec. А за контролата на звукот на концертите се грижат само тројца луѓе – тон-мајсторите Ален Хаџи Стефанов и Ангел Ќосев заедно со раководителот на одделот за продукција Џијан Емин. Со нетрпение и подготвено, велат, ја чекаат одлуката Филхармонијата да почне да издава носачи на звук.

“Сите концерти што се случуваат во нашата зграда и што се во наша организација ги снимаме мултиканално. Спремни сме од секој концерт да изработиме сериозна снимка која, доколку одлучи раководството, може да биде ставена на носач на звук. Веќе разговараме за неколку термини наредната година кои ќе бидат само за снимање цеде односно носач на звук. Така што, се “остриме” идната година да избереме неколку такви термини – програми кои сметаме дека ќе бидат поатрактивни, со добри диригенти и добри солисти. Потребна е добра подготовка за снимање одреден концерт, што потоа ќе се миксува за да биде на високо продукциско и уметничко ниво”, изјави Џијан Емин, кој е и диригент во Филхармонијата.

Како што вели тој, следен чекор е во иднина да оформат и видеопродукција за документирање на сите настани во нивната институција, а особено на симфониските концерти. Малку се како тим, но она што ги држи во кондиција и на професионално ниво е меѓусебната усогласеност и знаењето што, како и кога точно треба да се направи со сите “копчиња” во тонското студио и стручно да ги постават сите кабли и микрофони за снимање или ТВ-пренос.

Покрај големата сала, Македонската филхармонија има и мала сала и честопати се случуваат паралелни настани, па тие тројца треба да се поделат за двете места. Сметаат дека можеби и се доволни за симфониските концерти, зашто начинот на нивното снимање е по стандард како во сите светски оркестарски сали и со ист принцип на местење на микрофоните. Но за хибридни проекти, велат – тука веќе дефинитивно сме куси. Хибридните концерти се комплексни зашто рок или, на пример, електронска музика е поврзана со симфониски оркестар, се мешаат струја и акустика.

Имаат цел и идеи како да го постигнат посакуваното ниво на озвучување и начинот на кој би сакале да работат, но за какви било интервенции на сцената или во салата биле спречени, меѓу другото, и затоа што салата до скоро не беше во сопственост на Филхармонија.

“Салата од пред две недели е во наша сопственост. Не бевме во можност да правиме никакви модификации. Сега сме домаќини самите ние и од оваа точка можеме да правиме различни типови на модификации за да може да пристапиме кон нови начини на снимање и на озвучување различни видови концерти. Тоа се надевам ќе го постигнеме во наредната сезона, откако ќе се докомплетираме со микрофони кои во овој момент ги немаме и кои ќе бидат ставени на позиции за да не им пречат на музичарите при изведба. Ќе можеме да направиме модификации и на самата сцена и на акустиката. Можеби тоа ќе биде на половина од следната сезона, но не можам со сигурност да кажам. Ова е, сепак, државна институција и мала промена бара многу административни покренувања, што е мачно за нас како уметници”, додава раководителот за продукција.

Повеќе на Музика24...