Моќните “Radiohead” во џез верзија

На 30-ти ноември во големата сала на Македонска филхармонија со почеток во 20 часот, Биг-Бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија, ќе ги изведе најдобрите теми на една од најпопуларните групи на сите времиња – “Radiohead”.

Станува збор за маестрален проект под наслов “Radioheadjazz!” со уникатна содржина – џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група “Рејдиохед” – група која од своето постоење до денес, изврши огромно влијание на повеќе генерации музичари ширум светот, група која донесе прогресивен, иновативен, моќен звук. Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци, и тоа за првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена.

И овој пат, зад диригентскиот пулт со Биг-Бендот на ЗЏМ, ќе застане врвниот Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни фантастични настапи со овој ансамбл.

Инаку, со овој проект, Здружението на џез-музичари на Македонија ја проширува својата репертоарна политика, ги проширува естетски хоризонти, го збогатува својот музички израз и профил насочувајќи се кон една поинаква звучна патека. Проектот “Radioheadjazz!”, да се изведат теми од современиот алтернативен рок-бенд и тоа во џез-аранжмани, е навистина силен предизвик за уметниците, но и за публиката, и е оригинална идеја која ќе донесе иновација на нашата сцена.

Повеќе на Музика24...