Музика од научнофантастични филмови со Македонската филхармонија

“Научна фантастика на платно” е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи утре, четврток 29ти ноември со почеток во 20 часот. Под диригентската палка на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведе теми од едни од најдобрите научнофантастични филмови на сите времиња: “Војна на ѕвездите”, “Ѕвездени патеки”, “Одисеја 2001”, “Алиен”, “Аполо 13”, “Почеток”, “Меѓуѕвезден”…

Научнофантастичните филмови како генерална тематика ги користат фиктивните описи втемелени на науката за феномени кои не се целосно прифатени, пак, во класичната наука. Патувањата низ вселената, генетски мутираните суштества, “Марсовците”, патувањата низ времето… или алегоричното прикажување на политичко-социјални теми се само дел од содржините на СФ филмовите.

Неисцрпна инспирација на композиторите, пак, се токму научнофантастичните филмови, затоа што тогаш имаат, едногласни се сите, ретка можност да создадат специфична, уникатна партитура. Волшепствата, вселената, натприродните сили, чудовиштата, предметите од иднината… се доволен мотив музиката да биде креирана на едно поинакво ниво, надвор од клишеата.

Повеќе на Музика24...