“Музиката помеѓу авторот и публиката” тема на годинашната “Струшка музичка есен”

Од 21-ви до 23-ти септември во Струга се одржа музичко-научната манифестација “Струшка музичка есен” во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, која и годинава донесе разновидна, едукативна и научна програма, теми кои начнаа многу прашања и донесоа конструктивни одговори од областа на музичката уметност и педагогијата. Селектор оваа година беше д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, а годинашното издание носеше наслов “Музиката помеѓу авторот и публиката”. Како што кажува и насловот, фокусот на годинашната СМЕ беше разгледувањето на музиката помеѓу творецот и публиката, односно творечкиот момент на создавањето на музичките дела, нивната анализа и перцепција. Како што беше и најавено, оваа тематика понуди широк дијапазон за претставување на трудови и истражувања и наметна прашања кои би резултирале со нови истражувања во областа на музикологијата, етномузикологијата, музичката византологија, танцовата уметност, музичкото образование и педагогија, културната политика и улогата на медиумите во процесот на музичкото дело од авторот до публиката. И годинава беа претставени научни трудови од областа на македонското музичко минато и совремие, беа одбележани јубилеи на значајни македонски творци, претставени трудови од областа на медиевистиката и византологијата, анализи и предавања од сферата на музичката педагогија, трудови во кои се прави компарација на музиката со поезијата и филмот, балетот и медиумите, етномузиколошки трудови. Презентациите и предавањата беа збогатени со концерт на ансамблот за современа музика “Кон Темпора”.
Повеќе на Музика24...