По 57-ми пат државна изложба “Денови на македонска фотографија” во Прилеп

Вчера вечер во Центарот за култура “Марко Цепенков” се оддржа 57-та по ред државна изложба “Денови на Македонска фотографија 2019”. Изложбата на која беа претставени 122 фотографии од страна на реномирани македонски фотографи е во организација на Фото сојуз на Македонија и Фото кино клубот Прилеп.

Благодарение на мошне успешениот ангажман и покажани успеси Фото Кино Клубот од Прилеп, ја доби можноста да биде домаќин на годинешнава 57-ма по ред државната изложба “Денови на македонска фотографија”. Со ова полека, но сигурно покажуваме дека Прилеп прераснува во значајна и незаобиколна дестинација за креативните индустрии, особено кога аудио – визуелните уметности се во прашање. Несомнено во оваа група на македонски фотографи лежи иднината на оваа мошне значајна уметност”, истакна градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.

На манифестацијата беа доделени плакети и дипломи за најдобри поединечни и фотографии-колекции во повеќе категории. Владимир Арсовски кој преку 40 години се занимава со фотографијата и се закити со нависокото признание „мајстор на фотографијата“ смета дека македонската фотографија има свој пат кој ја задржал уметноста. Ги сака фотографиите направени во екстремни услови.

“Македонската фотографија си го живее својот живот и оди понатаму, можеби не во насоката на светските трендови, а ова го кажувам во позитивен контекст, зашто традицијата на фотографијата од екс-ју просторите и од источните земји која беше позната по врвната уметност е нишката која е задржана во Македонија. Признанието “мајстор на фотографијата” е највисоко и е посебна чест. Милувам да снимам во поекстремни услови каде се бараат физичка подготвеност и издржливост. Најекстремните услови за снимање беа во Норвешка, над поларниот круг на над минус 30 степени и минатата година во Исланд”, објаснува мајсторот на фотографијата Арсовски.

За Зоран Андонов, фотограф и новинар од Тетово преокупација и љубов е документарната фотографија.

“Со фотографија се занимавам речиси 30 години. Мојот интерес повеќе е насочен кон документарната фотографија, од темите кои ги работам и како новинар, а и како фоторепортер. На изложбата се претставив со колекција фотографии, документарни и дел се од периодот на конфликтот од 2001-та”, рече Андонов.

За учесниците, најдобрите македонски фотографи, денеска е организирано “фото-сафари” низ Прилеп и околината, до Марковите кули, до селото Штавица и на повеќе локалитети со природна и археолошка посебност, примамливи како мотив за уметничка фотографија.

Манифестација ја поддржуваат Министерството за култура и прилепската локална самоуправа.

Повеќе на Музика24...