Стартува новата сезона во Македонската опера и балет

Со премиера на две балетски едночинки – “Валпургиска ноќ” на Шарл Гуно и “Кармен” на Жорж Бизе, в сабота со почеток од 20 часот ќе биде отворена новата сезона на Балетот при МОБ.

Во годината во која Македонската опера и балет одбележува 70 години постоење, директорката Олга Панго одлучи на сцената да го постави балетот “Валпургиска Ноќ”, токму затоа што со ова дело од операта Фауст на Шарл Гуно, во 1949 година, во кореографија на Ѓорги Македонски , а под диригентската палка на Трајко Прокопиев започнува развојот на македонскиот балет.

На покана на МОБ, како кореограф на овие две балетски едночинки се јавува унгарскиот кореограф Габор Кевехази кој речиси две години работел на проектот кој специјално е подготвен за МОБ. Диригентката Чадловска која не го криеше задоволството да изминатите 15 години биде диригент на сите балетски претстави, истакна дека свитата од “Кармен” ќе биде изведена со поинаква оркестрација, односно без дувачки инструменти кои ќе бидат заменети од ударни.

За јубилејот 70 години освен премиерата на балетот “Валпургиска Ноќ” и “Кармен”, од операта најавуваат сосема нова премиера на операта “Кармен”, како и изложба и гала јубилеен концерт.

Повеќе на Музика24...