Културо

Во Битола почнува 30-то јубилејно издание на “Интерфест”

Вечерва во Битола почнува 30-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на класична музика “Интерфест”, годинава посветено и во чест на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет и лингвист Блаже Конески.

Во битолскиот театар, на сцената „Благоја Стефановски-Баге“, Фестивалот ќе го отвори Македонската опера и балет – Скопје со операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во која диригент е Бисера Чадловска, а со хорот и оркестарот на МОБ ќе настапат солистите Зоран Сотиров, Билјана Јосифов, Горан Начевски, Јане Дунимагловски и Драган Ампов.

Според фестивалската програма, до 12-ти октомври во Битола концерти ќе одржат Маурицио Матарезе и Карла Авентаџиато од Италија, Александар Рам и Ана Одинцова од Русија, Михаил Кун и Кристоф Еверс од Германија, а ќе настапат и уметници од Унгарија, Турција, Србија и Северна Македонија.

За публиката на јубилејниот “Интерфест” програмирани се и придружни содржини, ликовна изложба „Боја родена од музиката“ сочувани дела од ликовниот уметник Борислав Траиковски (1917-1996) како и поетска вечер посветена на Блаже Конески.

Можеби ќе ве интересира: