Магазин

Зошто е најдобро да ја дочекате Новата година во вашиот топол дом

Дали сте забележале дека прашањето: “Каде за Нова година?” станува се поретко? Луѓето можеби веќе не се толку возбудени за најлудата ноќ од годината, а можеби само сакаат да заштедат. Додека се уште размислувате каде вие ќе одите за дочекот, прочитајте неколку причини зошто сепак е најдобро оваа најлуда ноќ да ја поминете дома, само со најблиските.

Поевтино е

Цената за дочек во ресторан или дискотека е околу 1.000 денари, па и повеќе, во зависност од ангажманот што ќе го добиете. Дури и Нова година да ја дочекате на плоштад или на улица, сепак ќе ви требаат пари за храна, пиење, такси… Со истите пари дома можете да направите ол инклузив дочек за најблиските пријатели или семејството, и тоа со десерт, па дури и утринско кафе. Голема е веројатноста да ви останат пари и за втора вечер.

Поудобно е

Во вашиот дом воопшто не треба да размислувате дали ќе најдете место за седење ако се изморите или ако почне песна што баш и не ви се допаѓа. Всушност, во вашиот дом тешко дека ќе бидете присилени да слушате нешто што не ви се допаѓа, бидејќи вие ќе бидете одговорни за музиката. Ако пак ви се преспие, можете да го направите и тоа и никој нема да ве обележи како уништувач на забави.

Потопло е

Бидејќи е зима, за Нова година можеме да очекуваме температури и под нулата. Иако можеби не планирате да поминувате време надвор, доколку се соочите со сообраќаен метеж, што сигурно ќе го има за новогодишната ноќ ќе бидете заглавени на студот. Исто така секогаш постои можност за снег или дожд и неуспешно барање на такси превоз.

Повкусно е

Искрено, кој ресторан може да ви понуди подобар оброк од вашата мајка или пак од вас самите? Има ли подобар начин да се расположите отколку со шолја варено вино додека сте опкружени со луѓето што најмногу ги сакате? И каде ќе го дочекате новогодишното утро со кафе по ваш вкус? Се разбира, само во вашиот дом.

Ќе бидете со најсаканите личности

Најдобрата причина да ја дочекате 2019-та година во вашиот дом се пријателите и семејството. Сепак, празничниот период е за луѓето коишто ни се најдраги и не треба да прифатите ништо помалку. Живееме толку брзо што забораваме да им обрнеме внимание на овие луѓе. Па зошто оваа посебна прилика да не ја искористите да поминете време со луѓето кои се најважни во вашиот живот?

Можеби ќе ве интересира: