Културо

Најпознатиот светски диригент ќе се пензионира

Светски познатиот диригент индиецот Зубин Мехта најави дека планира во октомври 2017-та година да замине во пензија по повеќе од 60 години активност на светските сцени. Тој има 80 години, а уште во своите дваесети години почна да ги полни концертните сали низ светот. Тој е Директор на Израелска филхармонија и на таа функција е избран доживотно.

Роден е во 1936-та година во Бомбај, Индија и не е случајно неговото животно определување за музиката. Потекнува од аристократско семејство каде што музиката претставувала секодневие. Тој ја напуштил својата земја рано за да студира музика на Виенската академија. Уште на 20 годишна возраст Мехта застанал зад пултот со реномираните Виенска и Берлинска филхармонија. Неговиот професор ценетиот Ханс Сваровски, своевремено за него изјавил: “Голема фигура во историјата на музиката”.

Зубин Мехта е прогласен за доживотен диригент на Израелската филхармонија, оркестар формиран во 1936-та година, кој поради многубројните светски турнеи често го нарекуваат најдобар амбасадор на Израел во светот. Покрај тоа, досега бил музички директор и на Симфонискиот оркестар во Монтреал, на Филхармонијата во Лос Анџелес, на Њујоршката филхармонија, Државната опера во Баварија, почесен диригент е на Минхенската филхармонија… Од 2005-та година, заедно со маестро Лорин Мазел е главен диригент во новата “Опера хаус” во Валенсија. Листата на награди и почесни признанија на овој уметник е голема.

Мехта гостуваше во Македонија во 2007-та година, а на денот на неговиот концерт во Скопје, му беше врачено признанието почесен доктор на науки на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”.

Подготви: Дениза Илиевска

Можеби ќе ве интересира: